Јужна Африка е повторно домаќин на голем фудбалски собир. По одржувањето на Светското фудбалско првенство во 2010 година, Јоханесбург повторно ќе биде збирно место, но овој пат на најдобрите афрички селекции. Ова ќе биде 29 издание на Афричкиот Куп на нации кое ќе трае од 19 јануари до 10 февруари.
Јужноафриканците подготвија пет стадиони за големиот спортски настан. Најмалиот е во Нелспруит со капацитет од 41 000 седишта. Втор по големина е стадионот Бафокенг во Рустенбург со 42 000 места, потоа следи стадионот Нелсон Мандела во Порт Елизабет со 48 000, Мабида во Дурбан со 54 000, а најголемиот се разбира се наоѓа во главниот град Јоханесбург каде ќе се игра и големото финале пред 94 700 гледачи.
Најтрофејната селекција во ова натпреварување е Египет која седум пати стана првак, додека Гана и Камерун се на втората позиција со по четири трофеи. Минатата година по регуларните 0:0 Замбија во финалето беше поуспешна од Брегот на Слоновата Коска, совладувајќи ја на пенали со 8:7.
Најголем интерес во Афричкиот Куп на нации привлекуваат настапите на ѕвездите Дидие Дрогба, Самуел Ето, Емануел Адебајор, Оби Микел, Јаја Туре. Најголеми шанси за најдобар стрелец на првенството со коефициент 5 кладилниците му даваат на Дрогба.
Според нив најголем фаворит за освојување на титулата е Брегот на Слоновата Коска со коефициент 2,75, втор е домаќинот Јужна Африка со 8, а трет е бранителот на титулата, селекцијата на Замбија со коефициент 12.
Група А: Јужна Африка, Ангола, Мароко, Зелено'ртски Острови
Група Б: Гана, Мали, Нигер, Конго
Група Ц: Замбија, Нигерија, Буркина Фасо, Етиопија
Група Д: Брегот на Слоновата Коска, Тунис, Алжир, Того