“Во Англија ги идентификуваат играчите кои доаѓаат и ако се професионалци им дозволуваат да играат. Кај нас пак доаѓа некој си Опти Поба кој претходно јадел банани, и одеднаш заигрува за првиот тим на Лацио. Во Англија треба да покажеш што имаш во CV-то и каков си по потекло”, изјави 71 годишниот Тавекио.
По оваа изјава ФИФА побара од Фудбалската федерација на Италија да го истражи случајот со кандидатот за претседател на ФИГС кој практично навреди 62 црнци во италијанското фудбалско првенство.
Тавекио се извини, но не ја повлекува кандидатурата и според пишувањата на италијанските медиуми тој е фаворит за претседателската функција пред поранешниот фудбалер на Милан, Албертини.
Во Серија А има 621 играч, а доколку на Тавекио му сметаат црните фудбалери тоа значи дека според него 10% од нив се вишок. Вредноста на фудбалерите од првата лига изнесува 2,47 милијарди, а без нив би вредела 359,7 милиони евра помалку.
Надобриот поединец од расата која му смета на Тавекио е Погба од Јувентус кој беше прогласен за најдобар млад играч на Мундијалот во Бразил. Неговата вредност се проценува на 45 милиони евра.
Дел од останатите познати црни фудбалери се Балотели, Жервињо, Азамоа, Гуарин, Мајкон, Евра кои не станаа фудбалери од јадење банани. Најголемиот дел од нив се увезени од Гана, Бразил и Франција.
Изјавата на контроверзниот можен иден претседател на ФИГС воопшто не оди во прилог на големата борба против расизмот со кој се борат УЕФА и ФИФА.
Проблемот е што тој има поддршка од претседателите на големите клубови, а по изјавата за бананите само три прволигаши се изјаснија дека треба да ја повлече кандидатурата, Фиорентина, Сампдорија и Сасуоло.
„Со ова се оди само назад. Се наоѓаме во 2014 година и многу ми е жал што слушам вакви работи. Проблемот е што го кажува човек кој треба да се бори против тоа зло“, изјави напаѓачот на Сампдорија, Стефано Окака.