Мозокот за тресење мрежи е роден на 9 јуни 1978 година во полскиот град Ополе, а со иста професија се занимавале и неговите родители. Татко му Жозеф играл во Ополе, а во годината кога се родил Мирослав, тој направил трансфер во Оксер. Неговата мајка била репрезентативка на Полска.
Нивната преселба во Германија се случила во 1986 година, а доста интересно е тоа што човекот кој лани стана Светски првак со Германија, како мал учел занает да биде столар. Првиот допир со топка го имал во селскиот клуб SG Blaubach-Diedelkopf, кој во тоа време бил дел од седма лига.
Следна дестинација му била нисколигашот Хомбург, а по една година се преселил во Кајзерслаутен од каде дебитирал во Бундеслигата во април 2000 година. Врвните напаѓачки способности Клосе ги најавил веќе следната сезона кога постигнал 16 голови и му фалеле само два да биде најдобар стрелец во првенството.
Кајзерслаутен не му донесе трофеј во кариерата, но таму го заработи првиот настап за селекцијата на Германија. Репрезентативниот дрес кој го носеше 13 години го испоти максимално, а со него одигра 137 меча и постигна 71 гол.
Рекордите се многу, како на пример, тој е најдобар стрелец во историјата на Германија, најдобар стрелец на Светските првенства, единствен играч во светот кој учествувал на 6 полуфиналиња на Светските и Европските првенства, единствен кој постигнал 4 голови на три Мундијалски средби.
Трофеите во Бундес лигата ги редеше со Баерн Минхен каде за четири сезони стана двократен шампион во Германија, два пати го освои купот и по еднаш Лига купот и Супер купот. Претходно со Вердер освои само Лига куп.
Втората младост за Миро почна во јуни 2011 година. Колку и да постојат скептици дека на 33 години заситен играч од голови и трофеи, нема повеќе форма и мотивација, сепак во Рим всушност се појави германска машина за голови, голем професионалец кој веќе четврта година душа им вади на дефанзивците во Серија А.
Ладнокрвен е со десна, но му работи и левата. Клиза во шеснаесетник на секоја нафрлена топка, ја забива со глава, а знае да распали и со волеј. Способностите и чувството за гол, напорните тренинзи, физичката форма, упорноста и мотивацијата за игра, до сега му донесоа 41 гол во Серија А, вкупно 48 со се Купот на Италија и Лигата на Европа.
Клосе во моментов е 14. најдобар стрелец во историјата на Лацио, заедно со Хернан Креспо и Марсело Салас, а формата која ја одржа во италијанското првенство му помогна да си оствари соништата на СП Бразил.
По финалето против Аргентина на кое го подигна златниот пехар, тој се повлече од репрезентацијата и им остави простор на помладите, но тоа не го стори на клупски план. Младите може само да учат, како се оди прв на тренинг и се заминува последен.
Не сака да го викаат „старец“, а на 36 години не сака да седи ниту на клупа. На вчерашниот меч против Сасуоло, влече во игра во вториот дел и со голот број 300 покажа дека уште му е местото на терен. Мирослав Клосе летово ќе наполни 37 години, но според најавите од Италија, не му бега уште еден едногодишен договор.