Off Topic

Топката која го уби фер-плејот

Новата генерација фудбалски топки, опремени со сензори и постојан пренос на податоци, го менува начинот на кој се гледа и се суди фудбалот. „Трионда“ не само што мери допир, брзина и траекторија, туку и го намалува просторот за човечка грешка - и интуиција. Ако не па, и играчите да ги опремиме со сензори за еден ден полесно да ги замениме со роботи.

Црното море се омрси

Иако по претходните предупредувања за еколошка катастрофа во Црното море го обвинуваа дека ги плаши луѓето и дека ќе ја уништи туристичката сезона, неговите тврдења се чинат точни. Огромни дамки од нафта и мазут пливале по површината, најверојатно од протекувања откако Украинците удрија по руските рафинерии на нивниот дел од Црното Море. А дечкото вика, и неоправдано скапо било.  

Вашингтон не ја прекинува помошта за Израел туку ја крие

Трамп и Нетанјаху ја спукаа работата, односите меѓу Вашингтон и Тел Авив се на најниско ниво, но, дали се работи за вистински или за фингиран конфликт? За да се олабави од притисокот на јавноста (84% од Американците се за кратење на воената помош за Израел), дали длабоката држава решила да ги пикне односите со Израел под радарот на конгресниот мониторинг и да ги предаде во рацете на сивите зони на Пентагон?

Поразите не ги гледате на Инстаграм

Финалекција за сите оние кои се мамат и залажуваат по она што го гледаат на социјалните мрежи, верувајќи дека виделе формула чиј успех е неизбежен. Успехот не само што не е неизбежен туку е исклучок. A залажувањето не се случува само на мрежите. Многу луѓе мислат дека кафана кај нас не може да не успее, гледајќи како сите кафани наоколу се полни. Само што не ги гледаат оние стотици кои пропаднале. 

Музиката може да боли како камшик

Иранската пејачка Парасто Ахмади и осум членови на нејзиниот музички тим деновиве биле осудени на 74 удари со камшик затоа што настапила без хиџаб на концерт пренесуван на Јутјуб. Тоа било против јавната пристојност и објавување „вулгарна и неморална содржина“. Плус две години не можат да излезат од Иран ниту да настапуваат во земјата. Мала поддршка за Парасто и сите кои се гњавени од задрти луѓе од сите вери и невери. 

Тој мисли сите пијат нафта

9 март: „Сега сме целосно независни од Блискиот Исток. Не ни треба нивната нафта.“ 1 април: „Тоа навистина не нè засега. Имаме толку многу нафта. Имаме огромна нафта и гас, многу повеќе отколку што ни треба.“ 17 јуни: Ако не се согласев со Меморандумот за разбирање, „ќе ни снемаа резерви за околу 4 недели... навистина ќе ни снемаа, и ќе дојдеше време кога нема да можете да дојдеме до нафта.“

Џеф Рос, кого удрам не жалам

Џеф Рос е еден од ударните тупаници на „ростинг“ шоуата, кога некоја позната фаца добороволно ќе седне да слуша како дузина комичари му прават генгбенг (што е многу различно од она што го замислува Шилегов и неговиот кабинет, ама ај). Но, Рос не е многу пребирлив и не се чува само за познати. Оди тој и по улици меѓу обичен свет „да си ја бара белјата“. Компилација од некои негови најбруталнии моменти.

Мовембер кога си пубертетлија

Дечко неколку месеци пушта брада и уредно секој ден (или скоро секој) се фотографира за да го забележи напредокот. И после зборете за упорност...

Ако си вол, паметно е да си голем

Иако се дружи со носители на телешко месо кои ќе завршат на трпеза, еден австралиски вол ќе си го продолжи животот благодарејќи на својата големина. Се вика Никерс, има седум години, висок е 194 сантиметри а тежок 1.400 килограми. Просто, не може да биде транспортиран до кланица а и таму не може да помине на стандардната лента на смртта. Цврц!

Добро е жено, аман

Најинтересно е што не се дере од шокираност, туку тоа е само една фаза од нејзиното справување со ситуацијата. Втората е да заплаче а третата да го слика цајканското комбе. На крај веројатно ќе ги објави сликите на Фејсбук и ќе раскаже каква траума преживеала од полицијата.

„If You'd Just Let Me Finish“ на Џереми Кларксон, пречитано и скратено од Џон Крејс

Гардијан секогаш има нешто за жени и за менопауза. А што правиме со дебели средовечни мажи што имаат средовечна криза?

Борис Џонсон, блуперси

Шефот на британската дипломатија сними едно кратко видевце за време на посетата на Португалија, за да го истакне долготрајното пријателство меѓу двете земји, ти реков, ми рече. Но, постои една снимка од тоа што сè има изнатресено додека ги снимил тие пар реченици. Од тоа дека не знае што баш се случило за време на Втората светска војна па до тоа дека Џемс Бонд бил роден во Есторил. Џонсон и наша Ременска би можеле бајно да се дружат. Тој неа да ѝ кажува за 007, таа нему за Микеланџело Бонапарта.

Абре девојче, така грлото ќе си го расипеш

Знаеме, знаеме, некогаш поинаков наслов ќе ставевме.

Кој нема во главата, треба да има во рацете

Драматично и напнато видео од еден лет со глајдер во кој едниот од двајцата летачи се нема врзано. А другиов никако да го спушти леталото па животот на првиот буквално му виси цели 2 минути и 14 секунди. Завршува со хепиенд? Речиси. 

Сè што младите мажи треба да знаат за жените

Ова е една веб класика ама да не заборавиме дека постојано навалуваат нови генерации кои допрва треба да го научат координатниот систем. На XY оска, еден цреп заебантски објаснува како стојат работите на таа тема. Најјака е „опасната зона“ во која спаѓаат „црвенокоси, стриптизети и сите што се викаат Тифани“, ама почекајте ја и последната. Како и во сите стереотипи, и во овој има - вистина.

Само Блек фрајдеј луѓенца

Традиционално и годинава Блек фрајдеј не разочара сликовито да претстави дека човек е подготвен да убие, или барем да спружи некого на патос, за добар попуст.

Кога многу ќе влезеш во ликот

Сцена од една театарска претстава во која еден од двајцата актери толку јако ја долови уверливоста на својот лик што на другиов Станиславски уште долго ќе му зуе во уши. 

Господар на сенките

Ние десет прсти, тој десет прсти. Со нив ние знаеме да му покажеме среден прст на некој кретен зад волан, тој со своите десет знае да го прави сето ова:

Босанска верзија на Бела Чао

Саз, хармоника, виолина, сето тоа склопено од врвниот босански зналац Дамир Имамовиќ и ете ја старата италијанска партизанска песна, со севдах во неа.

Кога петок ќе заврши

За нив ова е реклама за некаков нов вид за плаќање без пари и без маки, за нас ова е како сакаме да ни завршува петок.

Кинезите утепаа со брзите пруги

Пред една деценија, Кина имала една брза пруга долга 30 килметри. Десет години подоцна има повеќе од САД, Јапонија, Франција, Велика Британија и остатокот од светот - заедно! И тоа не е најфасцинантниот податок во прилогот кој следува. Чудесии! Додека наш човек се реши меѓу Европа и Русија, Боргиве ќе го освојат светот.

5 нијанси објаснување

Ајнштајн викаше дека ако не можеш некому едноставно да му објасниш некоја работа, тогаш и ти не ја разбираш баш најдобро. Ова е интересен концепт: како една иста идеја да се објасни на пет нивоа на комплицираност. Од петгодишно дете па нагоре.

Ние и Улан Батор, збратимени во градите

Улан Батор дели ист проблем со неколку македонски градови. Не бре, Мирко Субвенција не пушта и кај нив музика. За воздухот се работи. Нас нè дотепа фактот што откако го изгледавме ова драматично видео (дечиња по болници, градите им свират како дупнати хармоники), ѓаволот нè натера да провериме како тоа стоиме споредбено со Улан Батор. Тетовчани, запејте: „Во гради имаме ПМ за три светови“.

Тест: Колку сте популист?

Тестот е на Гардијан, има 20 прашања и се прави за неколку минути. Се разбира дека и ние се тестиравме.

Меѓугенерациски дијалог

Разговараат дедо и неговата млада внука. Таа зборува по ново, тој зборува по старо. Кај него тоа оди пократко.

Добро е да се има магионичар во друштво

Поточно, добро е да се имаат двајца магионичари во друштво. Тој вториот за мезе.

Кој ја зезна музиката

Френк Запа тврдеше дека за музиката подобри беа старите дебели директори на музички куќи кои држеа пура во уста и ништо не разбираа отколку оние кои подоцна дојдоа на нивно место, млади и паметни хипстерски директори кои знаат сè.

Диктаторско катче

„Туркменстанскиот претседател дига златен стап а објективната публика (членови на неговиот кабинет) знаат тоа да го поздрават со искрен и срдечен аплауз“. Секое дополнително инфо само ќе ја уништи магијата на вој видео клип.

Единствената причина зошто постои интернетот

Не беше интернетот замислен за бизнис и правење блесави милијарди долари, или поврзување на човештвото и унапредување на квалитетот на животот. Интернетот е само за вакви клипови.

Не постои нешто што може да е гума за сите сезони

Лето и вака и така ќе се пројде, дури и без да стапнеш во кола, проблемот е кога ќе дојде есен / зима а ти уште си опремен со заблудата наречена гуми за сите сезони. За да ви е појасно што збориме, споредба на два идентични автомобила, еден со зимски еден со гуми за сите сезони, и нивното однесување на хокеарско игралиште. Гледај и слушај.