Зошто жените викаат „ништо не ми е” кога очигледно им е нешто?

Зошто жените не можат да изберат ресторан? Зошто им требаат повеќе перничиња? Зошто одат заедно во тоалет? Што е тоа виткач за трепки? Мажите имаат многу прашања кога се работи за жени. Некои од нив немаат одговор - не знаеме зошто перничињата го прават креветот поубав, ама го прават, па ги купуваме. Но за едно од почестите прашања сепак има одговор: Зошто жените викаат „ништо не ми е” кога очигледно им е нешто?

Би рекле дека мажите ова прашање си го поставуваат со децении, само што гарант имало периоди кога жената ќе речела „ништо не ми е”, и мажот тоа си го сфаќал како крај на разговорот и фино време за телевизија. За современиот маж, еве зошто жената може да рече „ништо не ми е”, кога не е така:

Условена е да мисли дека претерува

Лудача. Психо. Кучка. Сите овие називи им се нафрлаат на жените, и тоа често во исто време. Повеќето жени ги добиле и при изразување на загриженост за нешто сосема нормално и оправдано. Девојка ти не е луда што прашува зошто преспиваш кај другарка, па после „забораваш да ѝ кажеш.” И не е кучка кога ќе праша зошто кога сте заедно цело време гледаш во телефон.

На жените цело време им се кажува дека претеруваат, дури и медиумите ги претставуваат како „лудата девојка”, што треба малку да олади и да пие пиво со другарите и да не поставува многу прашања. Па како жена, се учиш да го намалиш интензитетот на твоите емотивни потреби за да не излезеш „луда.” Затоа некогаш кога ќе ја прашаш „што ти е?”, можеби ќути за да не се помисли дека „бара премногу внимание.”

Уште не знае

Жените често знаат да кажат дека сè е во ред затоа што уште не знаат да кажат што не е во ред. Способни се за длабока интроспекција и тоа значи дека треба време да „се распакува проблемот”, а притоа, според она погоре, да се претстави на најздрав и најконструктивен можен начин за да не речете после дека ве гаѓала со лавабо. Некогаш не знаеме зошто сме повредени и се обидуваме да откриеме дали е само до нас.

Едноставно нема енергија

Ова е класика. Голем дел од една зрела врска е дека да, треба да се разговара за проблемите кога ги има. Но истовремено, учиш дека некои проблеми сами се решаваат. И кога жената ќе рече „ништо не ми е”, можеби само се надева дека е ова еден проблем што сам ќе се реши. Можеби е само во моментот и нема шанси да се повтори. Можеби е краткорочен. Можеби е едноставно битка што не сака да ја води. Како и да е, можно е да решила дека не вреди да се троши енергија за седење и дискутирање зошто ги оставаш чорапите по соба, а не во корпа за веш.

Веќе сте зборувале за тој проблем

Можеби ти кажала 40 пати да ги фрлаш истите тие чорапи во корпа за веш. Или веќе 2-3 пати сте зборувале за тој еден ист проблем, а ти го повторуваш. Во еден момент, да се објаснува пак не е само фрустрирачки, туку и губење време. Овде веќе се откажува од тебе и почнува сама да си брка работа. И не треба да дозволиш да дојде до ова.

Не знаеш да слушаш

Мажите многу сакаат да решаваат проблеми. Тоа е многу добар и корисен квалитет во секоја сфера од животот и за тоа сме им благодарни. Сепак, ако лесно и брзо ти се здосадува кога девојка ти / жена ти ќе ти спомне проблем, или упорно и делиш непоканети совети, ќе престане да ти спомнува. Едноставно ќе ти рече „ништо.”

И на крај,

Стварно ништо не ѝ е

Супер е кога мажот ќе препраша, откако жената ќе рече „ништо не ми е”. Сепак, ако прашаш два пати, а рече „ништо не ми е”, верувај ѝ. Фино е да прашаш „дали сакаш да разговараме за нешто”, со тоа што нема да биде „уз пут”, туку ќе седнеш и искрено ќе прашаш, ама сепак, и тоа постои. Има моменти кога на жената стварно „ништо не ѝ е.”

Со среќа.

21 јуни 2018 - 11:39