Луѓето што ја имале таа несреќа да сретнат Херши чоколатце ќе знаат точно што е работата, пишува Арва Мадави за Гардијан.
„Језива работа е, нели? Ако си при здрава памет и имаш барем неколку функционални рецептори за вкус, не сфаќам како можеш да уживаш во американско чоколадо. Вкусот е како пилевина удавена во шеќер и натопена во бебешка повраќаница. И така е затоа што, грубо кажано - тоа е.“
Американското чоколадо (обичното, не специјално правено и скапо) има многу повеќе шеќер и многу помалку какао од европските. Некои производители дури и млекото го поминуваат низ процес наречен контролирана липолиза што создава бутерна киселина. И тоа е нешто што може да се најде и во повраќаница. Господ знае што друго Американците прават во нивните фабрики за чоколадо - неодамна се појави и тужба поднесена во Њујорк, во која се тврди дека Херши, кои имаат лиценца и за производство на Кедбури во САД „не кажуваат“ дека некои од нивните чоколадни производи содржат „небезбедни нивоа на олово и кадмиум“.
Може и да се идентификуваат причините што ќе објаснат зошто американското чоколадо е толку гадно, но она што на Мадави ѝ е нејасно е зошто Американците трпат.
„Зошто Американците, кои ги бива за толку многу работи, го трпат ова? Зошто се толку мирни во однос на нивното ужасно здравство, хлорирано пилешко и грозно чоколадо? Не дека сум сноб за чоколадо, туку овде има и сериозна тема: Европа е многу построга за адитиви во храна отколку САД. Американците ги трујат за да веруваат дека нивното чоколадо е вкусно.“
Не ни носете прекуокеански чоколади, фала.