Жените, годините и плажата

Светските трачарски медиуми знаат да бидат одвратни со наслови, ама и нашиве не се заебаваат.

Така и еден наш медиум, пренесувајќи вест и фотографии за Сара Џесика Паркер на плажа, не пишува, да речеме,

„Сара Џесика Паркер ужива на плажа со сопругот“
„Ај да нагаѓаме која книга ја чита СЏП на плажа“
„СЏП опуштена на плажа во едноставен костим за капење“
„СЏП е сите ние на плажа“

Не.

Нашиот велелепен медиум што нема сега да го именуваме, има наслов „Сара Џесика Паркер со целулит и седа коса…“

Го залепиле они насловот така гаден, и после тоа во текстот пренесуваат како СЏП секогаш остро враќа на критиките за стареењето, па пренесуваат нејзини изјави како не разбира зошто мора да се бави со тоа кога сите старееме, а и мажите некако не ги замараат толку со тоа.

Е, што ако ја пренесовте вербалната борба на СЏП против стереотипите и ејџизмот? Насловот ви е скапан.

Прво, веќе сме премногу големи и веќе е премногу 2022 година за сељачења од типот „целулит на плажа и седа коса“.

Второ, дури и да ни се врти тоа во глава, такво време дојде, да веќе сите се преправаат дека не ги гледаат тие „недостатоци“ затоа што „секое тело е убаво“. Или, замислете, постојат и такви луѓе што - не се преправаат. Сериозно не им е гајле за нечиј целулит на плажа.

Трето, и најважно - на плажа е. Кога сме на плажа, нема истакнување и прикривање на (замислени) недостатоци, нема внимателно бирање гардероба за да изгледаш најдобро што можеш, нема шминка, нема штикли (има, често, ама не е тоа поентата). На плажа си во купачи. И освен ако не си многу млад и зелен, или професијата ти е таква што бара да немаш грам сало, ќе изгледаш како 90% од луѓето на плажата, а не како ангел на Викторијас Сикрет (кои патем, за жал престанаа да постојат, за да се научи светот дека тоа не се репрезентативни примероци и да престане да пишува моронски наслови).

А да, луѓето кога стареат, им белее косата. И некој од нив, (боже господе!) одлучуваат дека баш и не им се фарба. Ете, во ред им се фарбани коси, може и некогаш ќе почнат пак да ги фарбаат, ама во моментов ете - не.

Ама не, боже, боже, жена со 50 и кусур години, замислете - со седа коса на плажа.

Ќора слика нема од Метју Бродерик, сопругот на СЏП, кој е, чисто за информација, малку подраширен, нешто побелен и исто така „опуштен“. И тој е 50 и кусургодишен.

Сепак.

„Сара Џесика Паркер не се срамеше од целулитот и опуштената кожа“.

Не бе, ќе оди во скафандер на плажа, за некаква приучена глорифицирана дактилографка од Македонија да не може да напише „целулит и седа коса“.

Ако се светските медиуми запалено ѓубре, не мора сите да бидеме.

И на која и плажа да се наоѓате, уживајте. Сосе целулитот што може го имате затоа што баш сте решиле да изгледате филм, наместо да џогирате во парк. Со вишокот тежина затоа што ви текнало да пржите палачинки во 11 навечер, затоа што - така. И со белите влакна, затоа што немате 12 години веќе, а по фризери е досадно.

На плажа сте.

6 јули 2022 - 12:15