Вториот фустан на Меган Маркл може да се купи

Поточно, ако сте една од 46-те среќни девојки што ќе добијат мејл од Стела Макартни, тогаш да, може да се купи.

Можете вие и да одите со слика кај наш шнајдер и да си го побарате, ние така си правиме. Ама овие 46 ќе можат да го земат баш од кај Стела Макартни.

По повод отварањето на новата продавница на брендот, Макартни пушти 46 модели како на новата Војвотка од Сасекс, со тоа што 23 се исти како тој, а 23 се - црни и тоа е многу повозбудливо. Без врска е само што бројката е таа - и толку. Ќе биде дел од нејзината Made With Love колекција, и има финта: ако сакаш да го пробаш ќе мораш да добиеш прво покана од самата Макартни.

Тие што го сакаат треба да пратат мејл на 23oldbond.store@stellamccartney.com и ако им одговори, тогаш - имаат закажано.

Ексклузивноста на фустанот е во тоа што беше специјално дизајниран за кралската венчавка и затоа репликите ќе бидат изработени од оддржлива, еколошка вискоза, а на Меган беше свилен.

„Знаев, додека работев на фустанот со Меган, дека ќе биде прекрасен,” изјави Макартни за Вог. „Знаев дека ќе го бараат луѓе и во такви моменти одлучуваш дали ќе речеш ‘не може никој!’ или ќе сакаш да го споделиш.”

„Фустанот е всушност нејзин,” вели таа. „И горда сум што дојде кај мене за тој дел од свадбата и што фустанот ја одразуваше нејзе. Работевме заедно. Кога имаш свадба, не можеш само да речеш, ‘на, ова ќе носиш.’ Личноста треба да се чувствува како милион долари; како да е нејзин светот.”

За среќа на 46 девојки, Макартни решила да го сподели. И ќе го сподели за 4600 долари.

22 јуни 2018 - 12:25