Ретко кој друг град во светот спојува Стар и Нов свет како Њу Орлеанс, и најверојатно ниеден друг град не го прикажува толку отворено верувањето во натприродното.
Меѓу мистичните легенди на градот, една од најпопуларните отсекогаш била приказната на Мари Лаво, „Вуду кралицата на Њу Орлеанс“, црна свештеничка со неверојатна убавина. Мадам Лаво уживала неверојатна моќ во нејзината заедница, а гласините за нејзините магични способности се толку упорни, што до ден денес доаѓаат посетители на нејзиниот гроб и оставаат ситници во замена за мали услуги.
Вуду е значаен дел од историјата на Њу Орлеанс и многу е поинакво од перцепцијата што имаме во поп-културата. Да, се спомнуваат и зомби и вуду-кукли, но реалноста е дека вуду е комбинација од западноафрикански религии донесени со робовите, христијанството што го примиле и традициите на домородците што успеале да се вклопат.
Како и самиот концепт на вуду, и легендата на Мари Лаво се разликува од она што сме го виделе на Американска хорор приказна (трета сезона).
Родена е околу 1801, со мајка - слободна робинка, Маргерит, и слободен (и богат) мулато бизнисмен, Шарл Лаво. Мари била прва генерација во семејството родена како слободен човек. Нејзината пра-прабаба во Њу Орлеанс е донесена како роб од западна Африка во 1743, а нејзината баба, Кетрин со тек на време ја купила Франсоаз Поме, слободна жена во боја, истовремено и успешен бизнисмен.
Не било невообичаено слободните црнци во тоа време и самите да купуваат робови. И покрај нејзината репутација како дарежлива жена, важна во црната заедница, Лаво исто така имала неколку робови. Кетрин со тек на време успеала да си ја купи слободата и да си изгради мал дом, каде што нејзината внука ќе достигне слава.
После краток брак со друг полуцрн човек, Лаво влегува во нешто што ќе прерасне во 30-годишна врска со белец од Луизијана, со благородничко француско потекло, Кристоф Глапион. Меѓурасните врски не биле реткост во Њу Орлеанс, иако на паровите им било забрането да се венчаваат. Лаво цел живот била посветен католик и за нејзе, вудуто не било некомпатибилно со католичката вера.
Предната соба на нејзината колиба имала олтари, со свеќи, икони и дарови, и држела неделни состаноци (каде присуствувале и црнци и белци), каде учесниците биле облечени во бело и пееле и оставале храна и пијалок за духовите.
Мари Лаво имала и индивидуални средби со клиенти, каде им давала совети за сѐ - од како да добијат на суд, до како да привлечат љубов. Кога починала, во некрологот издаден во Њујорк Тајмс пишувало: „адвокати, судии, земјоделци и трговци доаѓаа да ѝ укажат почит и да ѝ побараат помош.“
Иако луѓе од сите раси го посетувале нејзиниот дом и доаѓале на церемониите што ги водела, белата заедница никогаш комплетно не го прифатила вудуто како легитимна религија (што делумно е и причина што денес се поврзува со окултното). Расизмот и природната тенденција весниците да бараат сензационални приказни довела до описи за тие церемонии како окултни „пијани оргии“ и до нејзиниот прекар „Вуду кралица“.
Лаво успеала да дојде до таква почитувана позиција во Њу Орлеанс преку нејзиниот силен карактер, добротворната работа и природниот талент за театралност. За време на нејзиниот живот работела за заедницата - се грижела за затвореници со жолта треска, плаќала кауции за ослободување на црнкињи и мешани жени и посетувала осуденици на смрт да се моли со нив во последните часови живот. По нејзината смрт во 1881, легендата само продолжува да расте.
Без разлика дали била моќна свештеничка со натприродни моќи, или едноставно паметна жена со осет за бизнис која знаела колку вреди на луѓето да им дадеш спектакл, нема сомнеж дека е фасцинантна фигура со оглед на тоа што била црнкиња со огромно влијание во Длабокиот југ и тоа во време кога ропството сѐ уште е на сила.
И нејзиниот живот не би можел да се одвива на тој начин на ниедно друго место, освен во Њу Орлеанс.