Толку од girl power-от на Хилари Клинтон

Во трката за гувернер на Њујорк, се очекува Хилари Клинтон да го поддржи Ендру Куомо, наместо Синтија Никсон, ака Миранда.

Дури и кога масовно се плукаше по Доналд Трамп пред да победи на претседателските избори, незадоволството со кое се предлагаше алтернативата можеше да се сече со нож. Хилари ја врткаа по интернет по мемиња каде што се смее како удрена, каде што се радува на смртта на Бин Ладен, и се нервираа што упорно се јачаше на тема girl power, и „гласајте за мене затоа што сум жена”. 

И Сузан Сарандон ѝ се скара од очигледни причини:

Сега возбудата е околу кандидатурата на Синтија Никсон која, сакал светот да признае или не, си створи одлична реклама преку ликот што го играше во „Сексот и градот”, на опасна и способна адвокатка, плус активизмот и политичкиот глас во приватниот живот, и плус ете, по Хилари-речник: жена е, само што - Хилари откажува љубов таму.

Пред неколку години Синтија Никсон се појави на Watch What Happens Live, каде што ѝ рекоа да ги спореди четирите главни ликови во „Сексот и градот” со јавни фаци. Шарлот беше кралицата Елизабета. Опра беше како Кери. Бијонсе беше Саманта. А Хилари Клинтон? Се разбира дека беше Миранда.

Сепак, веројатно е поточно да се каже дека Миранда Хобс беше Хилари-ликот во серијата; моќна дама што не трпи никакви глупости, со свој стан, без потреба од маж, што изгледа одлично во одело. Миранда не седеше дома да пече колачиња. Во споредба со нејзините другарки, Миранда беше циникот, жената што ќе те погледне во очи и ќе ти рече „едноставно, не му се свиѓаш”. Истото важи за Клинтон: прагматична е, ја пизмат дека е роботска, здрвена, досадна.

Дваесет години по премиерата на „Сексот и градот”, Никсон се кандидира за гувернер, предизвикувајќи го демократот Ендру Куомо, поранешен член на кабинетот на Клинтон и наследник на една политичка династија.

Најново, Њујорк Тајмс известува дека Клинтон, во една од ретките јавни изјави за поддршка после изборите во 2016-та, се очекува да го поддржи Куомо, наместо Никсон. Куомо има доста поддршка од повеќе избрани претставници, вклучувајќи и една сенаторКА, Кирстен Гилибренд, која го поддржа кратко откако Никсон објави дека ќе се кандидира.

Јасно дека Хилари ќе поддржи член на кабинет, и нема ништо чудно во тоа. Само што, тешко е да му промакне на човек иронијата дека жената што како аргумент знаеше да искористи и дека нема доволно жени во политиката, сепак се одлучува да поддржи маж.

Толку од играњето на женска карта.

21 мај 2018 - 20:10