Тифани-сино го обои Њујорк

За да се прослави излегувањето на новата линија накит на Tiffany & Co, со наслов „Хартиени цветови”, Њујорчани имаа прилика да се повозат во такси со Тифани-сина боја. Се брендираа и метро станици и карти за метро во ограничени количини.

Ова е прва колекција накит на уметничкиот директор Рид Кракоф и инспирирана е од Одри Хепберн и „контрастот на носење вечерна тоалета и тиара, додека држиш хартиена кеса со кафе и пециво,” изјавува Кракоф за Вог. Њујоршката прослава имаше цел да покаже дека луксузот може да биде кежуал.

За тие со најголем мерак да бидат Холи Голајтли, се служеа кафиња и кроасани во сини колички. Насекаде низ Њујорк имаше продавници украсени со сино и сини кофи со хартиени цвеќиња, рачно изработени од креативниот тим на Тифани.

За жал, ова траеше само до четврти мај, кога имаше перформанс-изненадување во продавницата, пренесувано на социјалните мрежи на восхит на сите Тифани-ентузијасти.

Сега нам ни останува само да го ископираме ова затоа што веќе еднаш се случило. А нели би било јако, без разлика кој бренд ќе биде во прашање, да го видиме Скопје облечено во една боја?

7 мај 2018 - 15:21