Свадба на аукција

Во средата, во пост на Bella Collina Mansion, инаку ресторан/хотел/све живо за свадби во Северна Каролина, со огромни букви пишувало „Нашата загуба е ваша добивка”. Дообјаснувањето е дека еден пар ја откажува нивната свадба предоцна за да можат да им се вратат парите, па дозволуваат Бела Колина да ја стави целата нивна свадба на аукција за помалку од половина цена.

Никол Аткинсон и Весли Боденхајмер веќе ја меркале Бела Колина за нивната свадба, но им била надвор од буџет. Веќе имале закажано за друго место на 1-ви ноември, но кога го виделе постот од погоре, решиле да пробаат да ја испланираат свадбата за 48 часа.

„Јас бев тој што напна,” објаснува Боденхајмер за Јаху Лајфстајл. „Цело време инсистирав дека ќе заврши совршено и навистина така беше.”

Предноста е што Бела Колина е ол-инклузив: тие ги организираат сите составни делови од една свадба, што на паровите им овозможува да диригираат со сè преку нив. Аткинсон и Боденхајмер немале многу одлуки за носење - сè било завршено, од бои, до торта, до украси.

Аткинсон вели: „Во рок од саат и 15 минути завршивме со планирање што бара година дена.”

Останало уште да набават облека, гости и дозвола за брак.

„Кога отидовме да ја земеме облеката за другарите, имаше точен број на панталони, сакоа, точно сè,” вели Боденхајмер. „Невестинскиот фустан беше седум броја поголем, но го средија за четири часа. Имавме ист број на деверуши и фустаните им беа совршено точни. Сè си дојде на свое место и беше совршено. Не требаше да правиме никаков компромис.”

Им се погодило и времето, иако имало најави за дожд, па свадбата била на отворено. Околу 40 нивни пријатели и членови на семејството со леснотија можеле да ги откажат плановите за викендот за да им дојдат.

Иако не се ни виделе со парот што ја „продал” свадбата, на Аткинсон ѝ е драго што можеле да им помогнат да покријат барем дел од загубите.

„Нечија несреќна ситуација нас ни беше неверојатен ден,” вели таа.

25 јуни 2018 - 16:14