Сидни Свини ќе биде новата Барбарела

„Барбарела“ со Џејн Фонда добива римејк, со Сидни Свини во главната улога. И Џејн Фонда е нешто насекирана.

Сидни Свини (ја знаете од „Еуфорија“, или како иритантната ќерка од „Бел лотос“, прва сезона) е во моментов меѓу позафатените актерки во Холивуд и не седнува - сега се зборува дека ќе учествува во адаптација на сај-фај класикот „Барбарела“.

Од друга страна, ја имаме Џејн Фонда, оригиналната Барбарела која неодамна сподели дека „има нејасно“ околу новиот филм и на прашањето што мисли за проектот, одговори:

„Се обидувам да не мислам. Затоа што сум загрижена како ќе излезе. Имав идеја како да се направи додека беше жив (оригиналниот продуцент) Дино Де Лаурентис за која не ме послуша. Но, можеше да биде навистина феминистички филм.“

Свини влегува и како продуцент, па можеби ќе се добие нова перспектива и визија што ќе ја освои Фонда - Свини веќе има јавно зборувано и за машкиот поглед на нештата, и за неудобноста при снимање секс-сцени и контролата околу голотијата што е потребна за нејзините улоги.

Проектот е во рана фаза и сè уште нема режисер и сценарист. Оригиналниот француски стрип е на Жан Клод Форест, и прв пат кога се појавил бил скандалозен поради порнографските содржини. Најпознатата адаптација е филмот од ‘68, со Џејн Фонда во главна улога и иако пропаднал на бокс-офис, со тек на време станува класик.

2 февруари 2023 - 15:39