Сурогат-пазарење:

Што е „daigou“ и како им штети на луксузните брендови?

Луѓе што пазарат луксузни парчиња во Франција, имаат забележано интересна работа околу некои од омилените брендови, како Лоншо, Ермез или Лубутан: цената знае да биде пониска отколку да го купиш истото парче на друго место. И покрај промената на валути, се штедат илјадници евра на скапи брендови со купување во земјата каде што се произведени, бидејќи дома не само што плаќаме данок на увоз, туку и испорака и слични други трошоци.

Всушност, последниве неколку години функционира цела индустрија околу оваа дупка. Во Кина праксата на daigou, што буквално се преведува во „сурогат шопинг“, стана многу профитабилен бизнис за ниш-мрежата на лични купувачи. Патуваат до земјите каде што се произведува луксузна роба (обично Франција) и се враќат со куфери полни ташни, козметика и облека што потоа ги продаваат на клиенти кои однапред ги побарале. Професионалните купувачи си додаваат своја тарифа, клиентите имаат сѐ што им паднало на памет, за поевтино и - и волкот сит и овците на број.

Ова звучи супер, да не е фактот што компаниите што ги произведуваат овие луксузни парчиња не се ич воодушевени од идејата. Не се ни земјите што ги увезуваат. Од 2014, Кина има објавено војна на daigou, со снижување на даноците на увоз и наметнување строги царински контроли, во надеж дека ќе ја смачкаат трговијата и повторно ќе почнат да собираат даноци „колку што им следува“. Овој сив пазар или „паралелен увоз“ постои во еден проблематичен правен простор бидејќи легално се купува, но се дистрибуира без дозвола на брендовите што произведуваат.

Праксата има страдано од истраги и уште повеќе од Ковид. Купувачите не можеа така лесно да патуваат, а вртоглавиот пад на побарувачката од клиентите кои се соочија со несигурни приходи, изгледаше дека ќе го направи daigou само ситна сопка во кинеската економска историја.

Но, каде што има волја, има и начин.

Има компании како Сетајр во Австралија, Италист во САД и Балтини во Италија и нивниот бизнис-модел го градат врз понуда на луксузни производи на опасни попусти - сомнително опасни, меѓу 15 и 35 проценти поевтино од пазарната вредност. Оперираат како посредници, не чуваат залихи и продаваат од нарачка до нарачка. Некои, како Сетајр веќе ги лутат нивните матични земји, но успеваат да продолжат да работат само поради чиста побарувачка.

За да се борат против ова, некои компании одат до драматични екстреми. Годинава, ЛВМХ, францускиот луксузен конгломерат се здружи со Прада и го формираа Аура Блокчејн Конзортиум. Групата користи блокчејн технологија за следење производи, за да може полесно да се спречи паѓање во рацете на сурогат-купувачите. Целта им е да обезбедат поголема „транспарентност“ овозможувајќи им на муштериите да ја видат историјата на парчето што го купуваат и да ја верификуваат автентичноста, но сајтот користи зборови што го издаваат како „градење доверба кај клиентите (без посредници)“ и „контрола на второстепени пазари“.

Модниот свет штотуку почна да се враќа од предизвикувачките 18 месеци што му се случија, па не е ни изненадување што модните куќи гледаат да кешираат секаде каде што можат. Сепак, сега кога модните ентузијасти и ловците на зделки се враќаат на улица, изгледа и daigou купувачите немаат намера да се повлекуваат. Напротив, ни личи како да се спремни уште поиновативно да се снајдат.

3 ноември 2021 - 18:59