„Жената во куќата преку улица од девојката на прозорецот“, новата мрачна комедија од 8 епизоди на Нетфликс, вети многу. Самиот наслов сака да каже пародија, а не е, ангажманот на Кристен Бел ветуваше дека ќе биде посмешно, а не е, и на крај, во последната епизода се добива еден микс од недоследности и глупости што ни декларативното категоризирање во пародии на трилери и хорори не може да го спаси.
Имаме класика, несреќна жена што животот ја натерал единственото задоволство да го бара во огромни чаши вино што собираат цело шише, ги собира тапите (ни покажуваат дека се милион), седи на фотелја и гледа надвор.
Елементот на ограниченост во излегувањето не е постигнат со агорафобија или приклештеност за кревет или количка, туку со фобија од дожд, која понатаму и се објаснува.
На толку зјапање и како што најавува атмосферата и насловот, начекува драма во куќата преку улица.
Почнуваат спојлери, па ако сте гледале, останете да си пооговараме.
Не ги вади ако цела серија само флертуваат со пародија, а дури на крај прават пародична разврска.
При самото гледање, као, интересно ти е, ама ако се предложи нешто позабавно, без проблем можеш да смениш. И таман ќе стане збор за тоа, се случува нешто благо поинтересно, па оставаш да видиш каде ќе отиде.
Среќа па, брзо се изгледува.
Има проблеми што никако не се должат на посакуваниот жанр, туку на желба за длабочина - надгробната плоча на ќерката на главниот лик, Ана, на три пати има различна порака. По интернет пишува дека ова е финта да сфати публиката дека Ана не е сигурен наратор, ама па, трапаво е.
А не е само тоа прашање. Заебанција или не, на крајот мастермајндот зад целата операција на убиства, касапења, криења тело, играње со полицијата, плус матрицид и патрицид е 9-годишно дете. Па, уште социопатско. Натчовечки силно.
Како? Не е доволно Scary Movie, ни Има ли пилот во авионот, ни Гол пиштол за да има смисла.
Ако не ви пречат спојлери, еве вака: Поранешниот маж на Ана е психијатар чија специјалност се сериски убијци. На она глупо Take your daughter to work - day што го имаат, ја носи ќерка му со него на работа и седнува да испрашува сериски убиец што весниците го викаат „Масакр Мајк“, затворен затоа што убил и изел 30 души. Во еден момент, ја остава ќерката сама со него.
?
Ова го дознаваме без никаква трага од Scary Movie моменти. Како да гледаш нормална серија и сакаат да ти протнат дека серискиот убиец и канибал не е врзан со лисици, нема екстра чувар, нема како да се разбие вратата додека тој има време да убие и да изеде дете….
Вакви глупости има повеќе и искрено, како ретко кога, ќе простев разврска со „цело време сонувала“, само за да личи на нешто на крај. Дури и се понадевав дека ќе биде така, од моментот во последната епизода, со прашањето „како си?“ од 5-6 души. Ана одговара со „Како да ме прегазил камион што го вози 9-годишно дете.“
Еднаш.
Два пати.
Пет пати.
Дали ќе излезе дека инсистирањето да се повтори оваа изјава - има зошто? Не.
Дали има зошто хаусмајсторот не чувствува болка? Не.
Дали има зошто девојчето е свиреп убиец и дали има подлабоко објаснување од „така сакав“? Не.
Дали е добра серијата? Не.
Дали да ја гледате и покрај тоа? Не.
Ич не се мачете.
Пуштете Тиндер Свиндлер.