„Риз“ - зумерски израз што најверојатно нема да го употребите

Ако детето (на школска возраст) го чуете по дома како го изговара зборот „риз“, ред е да знаете и што е.

Убаво вика TheTab - во моментов, Оксфорд треба да пушти и еден речник на ТикТок изрази, затоа што не можеме да пофатиме што сè ќе смислат ново. Еве, зборот „риз“ го има насекаде, и вашите деца веројатно го знаат, некои се може и „ризери“ а вие живеете во пештера.

„Риз“ е термин скован од страна на човек што исто така сега ќе го дознаете - Каи Сенат, чии професии се Јутјубер и Твич-стример (гледате дека не го знаете?) кој е многу популарен на детскиот дел од социјалните мрежи. Се работи за њујоршки сленг и се однесува на тоа колку си јак кога треба да ќариш романтичен партнер. И може да се „собере“ или „заработи“ риз, како валута. Иако фразата е нова, нејзиниот млад татко има направено неколку видеа за да ја објасни. Има и три различни типови - W, V и L, од најдобро, до најслабо. И на ТикТок врие од објаснувања - како да се зголеми ризот или како да бидеш риз-бог на пример, ако тоа ви е желбата. Може па, веќе воспитувате риз-бог, не се знае. Сега бар знаете како да прашате.

А имало и „неискажан риз“. Unspoken rizz е кога си толку многу секси и привлечен, што можеш и без муабет да привлечеш партнер од што зрачиш со риз.

Ете така.

14 декември 2022 - 13:29