„Остави го светот зад себе“ е нов филм со Џулија Робертс, Итан Хок, Махершала Али и некакви деца. Aдаптиран од роман со истиот наслов, од Румаан Алам и се работи за брачен пар што одлучува да помине викенд покрај вода во луксузно Ербиенби и сè е симпатично, голема куќа, базен, плажа, сè додека на плажата не им се насука танкер што има изгубено компас. Од овде веќе ни се најавува дека имаме проблем.
До вечерта, Џулија Робертс и Итан Хок се веќе соочени со одлуката дали да пуштат двајца непознати што тврдат дека се сопствениците на куќата, до наредниот ден веќе нема ни интернет, ни телевизија, а понатаму, полека сфаќаат дека нешто многу незгодно се случува со „светот што го оставиле зад себе“. Филмот не остава многу простор да речеш „е да бе!“ (сите сомнежи ги кажуваат гласно), мрачен е, мистериозен, глумат одлично и грицкаш нокти.
Но.
Без спојлери, ама кога ќе заврши ти доаѓа да го гаѓаш телевизорот со пепељара.
Или, еве малку спојлери, без да кажам како завршува, значи спојлери под сликата.
Филмот нема крај.
Знаете од оние краеви што „ако прашаш што всушност се случи на крај тогаш си глуп и не ја разбираш филозофијата на приказната“, а реалноста е дека до таму им текнало и „ај вака ќе оставиме, па нека се мислат“?
Па, мораш да гуглаш и да бараш интервјуа со сценаристите, за да прочиташ дека и самите немаат некоја посебна идеја, освен што верглаат дека „им е прејако“ што публиката е збунета и незадоволна?
Па, да погуглаш уште малку и да најдеш дека некој во рецензија успеал да ги извади и да изнедри едно (парафразирано) „ние како луѓе сме склони кон бегство од реалноста, па пораката е таа“?
Одлично е тоа објаснување, ама барем да беше и оригиналната намера тоа.
Нормално, ниту мора секој филм да заврши со простор за надеж, ниту мора сè да ни се црта како публика. Некои филмови заокружуваат со фрустрирачки, тешки, грди ситуации, некои се движат од крај кон почеток, некои те развозуваат до полудување, уметноста е таква. Сепак, има разлика од „ај да ја разориме публиката со оваа вистина“ до „остај го бе така, шо.“
И ако сте решиле да се забавувате празнично, со „трилер“ на Нетфликс и не ви е дојдено до расклопување на психата на просечниот Американец за на крај да бидете жртви на филозофско-уметничките обиди на некои филмаџии, предупредени сте.
Интересно е до пред крај, ама тргнете ги тешките и острите предмети подалеку од вас кога ќе седнете пред телевизор.
Еве трејлер:
-Јана, Off Café