Правиме три грешки наутро, па после кукаме

Начинот на кој го почнуваме денот е важен не само за целокупното здравје, туку и за способноста да изгубиме или да одржиме тежина. Ако ви е целта да спречите качување тежина, лошо варење и воспаленија, тогаш, има нешта што треба да се избегнуваат.

За поздрав метаболизам и подобро варење, лекарите советуваат да не се прескокнува појадок, да не се јадат пецива со шеќер од сабајле и да не се додаваат тешки кремови и млека во кафето.

Околу појадокот:
Веќе милион пати е повторено дека „појадокот е најважен оброк во денот“ и има зошто - лекарите советуваат да се јаде веднаш по будењето, бидејќи прескокнување на појадокот го качува шеќерот, прави хормонски дисбаланс и предизвикува подуеност и воспаленија. Со тоа што ќе најдете време да појадувате, инстантно го подобрувате варењето, а глад веднаш откако ќе се разбудите значи здрав метаболизам.

Ова не значи дека треба да се јадат благи пецива:
Појадокот е од круцијално значење, но пециво, житарици или нешто друго со шеќер како прв оброк ќе доведе до пад на енергијата и глад побрзо во текот на денот. Ова може да доведе и до качување тежина, бидејќи за кратко ќе сакаме да ги надокнадиме потребите што не ни се задоволени со здрав појадок. Најнездравиот тип на јагленхидрати го има во ултра-процесирани производи како чоколатца, колачиња, енергетски барови и пецива. Благото од сабајле, особено над 40-годишна возраст нека биде овошје во овесната каша и тоа по можност богато со растителни влакна. Звучи досадно, ама тек па да видите како му е на организмот кога ќе му бутнете лажно-диетално барче со житарици од сабајле.

И за кафето:
Кафето само по себе е супер за метаболизмот и за варењето. Полно е со здрави антиоксиданси и кофеинот може да помогне со енергија во текот на денот. Сепак, професионалците предупредуваат дека засладувачи, кремови и слично додаваат калории на овој инаку здрав пијалок, плус предизвикуваат проблеми со варењето и придонесуваат кон зголемената тежина. Не значи дека сите треба да пијат црно кафе, ама ако можете, задржете се само на млеко (кога веќе мора) - сè друго му пречи на телото.

17 ноември 2022 - 00:01