Нехируршки козметички процедури за „Инстаграм-лице“

Проблемот со тоа „Инстаграм-лице“ е што никој не се раѓа со него.

Односот меѓу ретуширањето онлајн и реалните „дотерувања“ отвора пат за еден феномен познат како „Инстаграм-лице“ - микс од Инста-одобрени црти на лицето што сигурно сте ги виделе досега. Зборуваме за униформно големи очи, мазни кожи, полни усни и она што Ив Пејсер од Њујорк Тајмс го опишува како „секси бебе плус Џесика Рабит“. Заради ова, не сте сигурни дали пред пет минути на тајмлајн ви прошла Емили Ратајковски или Бела Хадид.

И добро, за филери во уста сме слушнале, но не завршува тука.

Треба да се покрие челото, и за ова најотворено се нуди бејби-ботокс, омилена процедура на миленијалците, а се постигнува измазнување на челото, без да изгубиш способност да покажеш емоција. Затоа и актерите го сакаат.

Околу очите: се боцка ботокс над веѓите, за да се кренат и да се отворат очите повеќе. Заинтересираните често знаат да го искомбинираат ова со микропигментација и оформување на веѓите, за полн ефект. Дерма-филер се инјектира и во фините линии под окото, за да се измазнат.

Кога сме кај образите, општо прифатено е дека високи, меки јаболчници разубавуваат, па во нив се вбризгува Јуведерм Волума. Вака се намалува и виснатоста, но негативното е што, освен што е скапо, мора да се повторува и на секои 6 до 12 месеци.

Носот може ви е во ред, ама па ако не ви е инфлуенсерски, има и за тоа лек: се лажира ефектот на ринопластика со филери со кои се пополнуваат несакани вдлабнатини или се изедначуваат испакнатини. На овој начин се постигнува симетрија и носот е „поатрактивен“. Веднаш под носот, додека сте таму, можат да се поправат и назолабијалните брчки.

Устата е веќе видена работа, но поентата е да биде што е можно посуптилно. Кога е уметнички изведено, не се познава дека имате трпено игли. Но, усните не се доволни за Инстаграм-насмевка - забите чинат многу и ако имате среќа, треба само избелување. Ако не, неколку илјади евра.

Брада и вилица - нехируршки можете да добиете цела нова линија на вилицата, без да се стигне до стругање коска, или импланти во брадата. Микс од Ботокс и Јуведерм стратешки се инјектира околу дното на лицето и вратот. Друга опција е Кибела, инекција што ги уништува масните клетки, па според тоа - подбрадокот го снемува од незгодните агли за сликање.

И на крај - кожа: Инстаграм-филтрите инсистираат на мазна, блескава кожа, а според експертите, ова се постигнува со ласерско отстранување на влакната. Препорачуваат и редовни козметички третмани и пилинзи, а ако не е доволно, секогаш може да се додаде Ботокс со микроигли во режимот и филери за да се „достават мали дози на невромодулатор и хијалуронска киселина на површината на кожата.“ Ова им е омилено на манекенките и се прави на четири месеци.

Фешниста ги изброја горенаведениве чекори и стигна до сума од 17.000 долари. Еве да речеме дека кај нас ќе биде половина од тоа. И ако и после некои, од прилика 8000 евра пак ви се чини дека нешто ви фали, секогаш ќе имате - филтер.

14 март 2023 - 00:00