Негламурозни правила за лет

Без разлика дали сте почувствувале на сопствена кожа, или сте гледале слики од јавни фаци на аеродром, до сега требаше да ви биде јасно дека нема многу гламур во често патување.

На Инстаграм изгледа дека е „богзнае што”, и стварно, има една магија во тоа да си често на пат, затоа што правиш свашта, гледаш свашта и се мешаш со луѓе. Магијата малку како да паѓа во вода кога ќе влезеш пак во авион, пак со досадни луѓе, пак во застоен воздух и пак со храна со сомнителен квалитет, но добро.

Притоа, батали „патувај со парфем”, „патувај на штикли” и други совети од луѓе што никогаш не биле принудени да м'кнат куфер од еден до друг крај на огромниот, полн ескалатори милански аеродром, или оној побетер со скали во Нирнберг.

Има неколку ствари што треба да се запазат кога се патува и тоа нема никаква врска со гламур, ама има врска со практичност.

Никаква шминка

Ни би-би крема, ништо. Ни маааалку коректорче. Ако имаш осетливо лице, во таа атмосфера, шминката само ќе ја влоши ситуацијата. Ако си на состанок веднаш после летот, пробај да се средиш во тоалет откако ќе слеташ. Ако не ти е удобно така, одма има начин да се бендисаш. Шешир, капа, наочари за сонце, голем шал, и одма имаш заедничко со глумец на аеродром.

Влажни марамчиња

Нема некоја наука тука. Истовремено, ако ти текне што сè има околу тебе на аеродром и во авион, и ако размислиш подлабоко, нема ни да ти текне да патуваш без нив. Секогаш кога ќе сакаш да се фатиш за лице - бриши. Ако сакаш да ставиш крема за раце - бриши. Сакаш да седнеш некаде? Бриши. Те чеша нешто - бриши. Јасно ти е.

Чорапи со компресија

Нема врска со изглед, ама има врска со тоа како ти е. И тајната за издржување на долг лет може да е истата тајна што баба ти ја има за здрави листови. Облечи ги под панталони - тесниот најлон ја оддржува циркулацијата и ја спречува лимфата да отиде на едно место. Резултатот е повеќе енергија и поголема удобност за нозете. Чудо е, особено ако леташ со било што друго освен приватен авион.

Не штеди на вода

Не можеш да ги внесеш во авион, па затоа внатре купи не едно шише, туку две. Ем ќе пиеш повеќе („сум платил, ќе пијам”), ем кожата нема да ти се направи како лушпа од сува слива. Испиј ги двете шишиња до слетување и одма ќе биде подруго.

1 јуни 2018 - 00:45