Научно докажана финта за слабеење

Многу едноставна.

Позната ни е фразата „со усул“, и ова секако важи за исхрана, само што, вака карантиносани некако паметот ни е нонстоп во кујна, особено кога кујната ни е секојдневно толку многу - блиску.

Како што ќе каже Харперс Базар, во ред е повремено да се опуштите, особено кога имаме посериозни работи за внимавање како сега. Ама ако се опуштавте до вчера, а денес се разбудивте со идеја дека не заслужувате веќе опуштање, има еден научно издржан метод да намалите со џанк фуд, што сега ќе ви го објасниме.

Во едно ново истражување од Универзитетот во Минесота, објавено во Clinical Psychological Science, испитани биле 244 млади луѓе (од кои некои се обидувале да слабеат, а некои не) да изберат меѓу „здрава“ и „нездрава“ храна, презентирана на компјутерски екран. Некои учесници гледале и двеминутно видео пред да ги испитаат, во кое се зборувало за придобивките од здравата исхрана.

Кога им рекле да изберат, од нив било побарано да зборуваат во прво лице - „Што сакам?“ или да си се обратат во второ и трето - „Што сакаш да јадеш?“ или „Што сака Перо да јаде?“

Интересното е што, тие што си се обраќале во трето лице, полесно се откажувале од брзата храна, особено ако претходно го гледале и видеото.

„Наодите покажуваат дека оние на диета имале поголеми придобивки од комбинираната употреба на обраќање кон себе од дистанца и гледање на видеото,“ велат авторите на студијата. „Тие што не биле на диета, направиле поздрав избор после обраќањето во трето лице, без разлика дали го гледале видеото. Што значи, обраќање кон себеси од дистанца може да помогне во самоконтролата која охрабрува поздраво јадење.“

Како и секогаш, додаваат дека треба уште истражување. Но, ова е толку едноставно, што не воопшто проблем да се проба.

Ние предлагаме додатни прашања, ако сте баш упорни, украсени со колоритни епитети:

„Што ќе јаде сега прасето?“

„Пак ли ќе јаде?“

„Дали е од апсолутна, животна важност пак да се отвори фрижидер?“

„А, да ставиме огледало до фрижидерот?“

„Да не ставаме, а?“

„Знаеш и зашто не ставаме, ама ај.“

„Ајде тркалај се, шо да ти кажам.“

И слично. Сѐ додека помага.

п.с. Се шалиме. Не се вреѓајте во огледало. Чоколадо не е криминал. 

19 мај 2020 - 16:35