Љубов од тип - нездрава

...Ако воопшто може да се нарече љубов. Како интро во случајов што ќе го читате, замислете прво да конкурирате на престижен факултет кај одличен професор, со намера да напредувате во вашата сјајна идна кариера. И потоа замислете дека вашиот партнер ќе одлучи дека - не може тоа така. И не само што ќе одлучи, туку и ќе ги преземе работите во свои раце.

Ерик Абрамовиц почнува да свири на кларинет на 7 години. До 20 години, веќе е врв, со награди, со учење кај најелитните канадски професори и свое соло со најдобриот симфониски оркестар во Квебек.

Во втора година на факултет, одлучува да се пријави на врвната Колбурн конзерваторија во Лос Анџелес, која на секој студент му нуди стипендија со сите трошоци покриени. Се надева дека ќе влезе во класа кај Јехуда Гилад, меѓународно признат професор по кларинет кој прифаќа само двајца студенти годишно.

Ви текнува кај води ова?

Понатаму, поминува часови и часови во вежбање, и откако бил на аудиција во февруари, 2014-та, бил сигурен дека ќе го примат.

Неколку недели подоцна, добива имејл од Гилад, кој му кажува дека не е избран во програмата. Се разочарува многу. Си завршува на факултетот каде што е, а музичката кариера која треба да ја има, се одложува.

Сега јакото:

Цели две години подоцна, Абрамовиц решава повторно да се пријави кај истиот професор. Професорот го има запаметено. И после аудицијата му вика:

„Што бараш тука? Нели ме одби?”

И цели две години подоцна, Абрамовиц конечно дознава дека мејлот со одбивањето го пратила неговата тогашна девојка.

Замислете го тој извитоперен ум: девојката, ионака со изместени вредности, се логира кај него на мејл и гледа писмо во кое пишува дека го прифатиле во програмата. Во негово име враќа на тоа писмо, одбива и вели дека „има друга работа”. Го брише мејлот. После некое време прави лажен мејл и од име на професорот му пишува дека не го прифатиле во програмата.

Каква љубов, нели?! 

Во интервју за Вашингтон Пост, Абрамовиц се изјаснува дека тоа најверојатно било за да не се пресели далеку од нејзе. Или можеби од љубомора, бидејќи и самата била студент по музика.

Во средата, на суд на Абрамовиц му доделиле 350.000 канадски долари штета, што треба да му ги исплати девојката (веќе година дена бивша) поради „предавање доверба” и „ужасно мешање во кариерата на г-дин Абрамовиц.” Судијата додава и дека пресудува на овој начин поради тоа што „важен животен сон му е одземен од страна на личност на која ѝ верува.”

И покрај ужасите на човечкиот ум што морал да ги преживее, Абрамовиц сепак успева да учи кај Гилад. Сега работи во симфонискиот оркестар на Торонто.

„Многу сум благодарен и покрај тоа што таа го направи, дека сепак застанав на нозе и сфатив што треба да правам,” вели Абрамовиц. Во сведочењето, Гилад вели:

„Сигурн сум дека да не му беше одземена можноста на Ерик да почне да учи кај мене две години порано, веќе две години ќе заработуваше достојна плата.”

А после таа, Абрамовиц вели дека има нова врска. Оваа била „поздрава”.

Така што, следниот пат кога ќе помислите дека „љубоморен/љубоморна е затоа што ме сака”, размислете два пати. А ако ви е тоа ставот, бурјум, принтајте ова и лепете на фрижидер.

19 јуни 2018 - 11:41