Лагата наречена #NoMakeup

Прво имавме „no makeup makeup” или „шминка без шминка”, феноменот на носење толку лесна и фина шминка што е речиси незабележлива. А сега имаме само „без шминка”. Без дискретни замавнувања со четка, стварно, последниот тренд е неносење шминка.

Се разбира, живот без шминка не е ништо ново. На многу луѓе им е секојдневие. Но „без шминка” станува бјути тренд и тоа најмалку од 2014-та наваму, кога Тајмс забележа дека меѓу славните личности, популарни стануваат селфиња со хаштаг #nomakeup.

Во април, Тајмс објави статија за невести без шминка: една од жените во приказната се омажила без грам пудра на лице - но сепак козметичарот го донела во Италија дури од Лос Анџелес, заедно со 70 производи за нега на кожа. И затоа, станува јасно: кога ќе кажеме „без шминка”, веќе не се работи за излегување од дома веднаш после туширање. Се работи за излегување од дома после масажи и ласери и дермаролери и мазнења од страна на професионалци.

Технички, не е лажење ако во ваков случај кажеш дека си без шминка.

Ама вистински да бидеш без шминка вклучува малку или ич работа. Ослободувачки е во правата смисла на зборот затоа што ти ослободува и време и пари. А новава no-makeup мода го прави баш спротивното. Времето ви го јадат дерматолошки прегледи и третмани, а серуми на база на лиги од еднорог ви го јадат новчаникот и тоа многу поинтензивно отколку кога ја купуваш шминката на која сега се очекува да превртуваш со очи. Идејата е дека сјајот од еден хајлајтер е лажен, ама затоа сјајот од живот посветен на избегнување шеќер е вистински.

Во еден свој блог пост, Елизабет Џаикаран предупредува дека реториката е многу блиску до границата на мрачниот интернет, баш онаму каде што лежи критиката против шминкање, и каде што шминкањето се смета за измама. Нели, оние мемиња со „носи ја на базен на прв дејт, да видиш каква е.”

И за еден тренд што инсистира на искреност, no-makeup трендот налага криење на напорот што се вложува во него. Каролина Рамирез, студент од Мајами вели, „Мислам дека како жени не ни е дозволено да се гледа дека сме се потрудиле. Сè треба да биде како без вложен труд.” Како колегата од факултет што кука со тебе дека ништо нема научено, па добива десетка - таков е овој тренд, како да не смееш да признаеш колку си се потрудил.

The Journal of Consumer Research има направено анализа во 2017 според која:

„Конзументите им судат на жени кои посветуваат поголемо внимание на убавината и сметаат дека имаат послаб морал. Овие предрасуди се случуваат за изглед каде што трудот и трансформацијата се очигледни.”

Значи, она што е најдостапно, за сите? Невкусно. Скапите, скриени трикови за постигнување на новото, идеализирано #nomakeup? Прифатливо, па и мотивирачко.

Во свет каде што секој може да купи било каков бренд, квалитетни шминки (или одлични копии), да имаш време, врски и пари за да одиш кај најдобрите квази-медицински професионалци за кожа е врвниот статусен симбол. Да се пофалиш дека си „без шминка”, е едно скромно фалење (демек глејте каква сум гадна без шминка, а уствари не сум) и тоа се совпаѓа во нашата желба за автентичност и вистина во овој внимателно дизајниран дигитален свет.

11 јули 2018 - 12:22