Кристина Ричи можеби е холивудска актерка, но тоа не значи дека никогаш не била приморана да се жртвува или да измислува начини да заработи нешто плус. Ѕвездата од Yellowjackets неодамна призна дека ги продала своите Шанел ташни и колекцијата накит, а богами и други скапи дрангулии, кога се разведувала со Џејмс Хердеген во 2020.
Иако не навлегува во детали, очигледно разводот земал данок, и емоционален и финансиски. „Некои животни трауми одат рака под рака со финансиските - долгите судења, притворите, жалбите на судските забрани“, изјави таа. Таа за себе тврди дека е сега океј, дека го направила тоа што тогаш морала да го направи и дека научила да гледа на парчињата како на инвестициски „купони“ а да ги користи на различни начин.
Ричи и Хердеген се разделија во јули 2020, по обвиненијата за семејно насилство, при што Ричи доби заштита по итна постапка, а на бившиот му беше забранет пристап, поради „сериозна физичка и емоционална тортура“. Таа подоцна доби и целосно старателство над синот, Фреди, а Хердеген пак ги негираше обвиненијата и не признава ништо од тоа.
Во разговор со Сандеј Тајмс, Ричи спомна дека ѝ требало долго време за да си признае што ја снашло. „Отпорот да се сфати е многу силен“, вели таа. Кажува и дека се осмелила да зборува за случајот, и покрај тоа што не е подготвена да открива детали, бидејќи смета дека е важно жените кои се во слична ситуација да знаат дека постојат среќни исходи. Таа за себе вели дека и самата гуглала во обид да најде успешни приказни и приказни од други луѓе кои излегле од таква криза и сега живеат добро.
„Колку и да е страшно, да го промените животот и да се заштитите себе е всушност единствениот избор што го имате“, изјави Ричи.
Ричи можеби е неколку ташни мањак, но добро ѝ оди во последно време. Сега е мажена за Марк Хамптон, неодамна добија ќерка, а дел е и од нова хит серија што во среда ќе се емитува на Нетлфикс.