Ќе има серија за Лагерфелд на Дизни+

Даниел Брул ќе го глуми Карл, а дејствието ќе се врти околу квир субкултурите и гламурозната париска мода од ‘70-те.

Лагерфелд е најновата модна легенда што добива екранизирана биографија, после семејството Гучи, Коко Шанел и Сан Лоран, меѓу другите.

Во моментов се спрема и филм за него, со Џаред Лето, но сега најавуваат и серија на Дизни+ со наслов - Кајзер Карл. Во моментов се снима низ Европа, на 40 сетови и во 3000 костими, од кои 160 ќе се изработуваат од нула.

Дејствието е главно во Париз во ‘70-те, а ќе ја следи неговата кариера и приватниот живот, од почетоците во Фенди (1967) и Клое, пред да влезе и да го ревитализира Шанел во 1982. Овој период е и неговата 18-годишна врска со Жак де Баше, расправијата ко-основачот на Сан Лоран Пјер Берже и дружењето со Марлен Дитрих и Енди Ворхол.

Ќе го глуми Даниел Брул, германскиот актер чиј најспомнуван филм во последно време е „На запад ништо ново“ номиниран за Оскар. Снимаат во Монако, Франција и Италија, се појавуваат над 2000 статисти, па можете да замислите за колкава продукција се работи.

Не се знае точно кога ќе биде премиерата, но се очекува да дојде подоцна годинава, на Дизни+

Чекаме.

13 март 2023 - 00:00