Како живее личен селебрити фотограф

Ронан Парк е во Јапонија. Дваесет и шест часа подоцна е назад во Лондон. Скока низ временски зони, седи по неколку часа во Азија, за после да поседи неколку часа во Швајцарија, па да се врати дома. Работно место: бркање поп-ѕвезди со фотоапарат. Возраст: 21 година.

Не се работи за папараци-фотки, Парк е еден од ретките што сликаат ѕвезди со дозвола од нив, со оглед на тоа што денес важи дека ако нема слика - не се случило и точка.

Ваквите луѓе се викаат лични фотографи и многу од нив, како и Ронан Парк се збираат од пред бина на концерт, со понуди да патуваат со најголемите светски музичари и да го документираат секое нивно движење - од внатре. Поминуваат време на само со ѕвезди по кои јавноста паѓа во несвест, што значи дека може да се кажа дека го живеат сонот на многу луѓе, но не значи и дека им е лесна работата.

Мораш да имаш интерес за живи свирки, или барем за уметникот што го сликаш. Ронан слика во Глазгов уште тинејџерски години, а желбата за документирање му се остварила кога се пријавил за пропусница за жив настап на Ели Гулдинг. Тогаш имал 17 години, а Ели ги видела фотографиите и „многу и се допаднале”, како што раскажува.

„Помина речиси година и ми се јави нејзиниот менаџер од никаде, додека спиев,” раскажува за i-D. „Ме разбуди, ама беше непознат број, па игнорирав. Потоа, добив порака од него да дојдам во Норвешка и да почнам да сликам на настапите.” Да не била пораката, веројатно ќе ја пропуштел приликата што го довела до денешната професија, па „сега, секогаш одговара на телефон.”

Пикси Левинсон оди по Дуа Липа и слика, ама нејзината приказна е поинаква. „Дуа ми беше другарка пред да почнеме да работиме заедно,” вели таа. „Беше скроз на почетокот на нејзината кариера. Се вратив во Лондон од странство и таа тогаш немаше фотограф, па ме замоли да сликам на првата турнеја. Тоа беше пред три години, и од тогаш работиме заедно.”

Џордан Хјуз во моментов се дружи на турнеја со The 1975, а почнува слично како Ронан Парк. Како тинејџер со апарати за една употреба одел по панк свирки во Бирмингем и многу добро научил да го фаќа духот што настапувачите во живо сакаат да го овековечат. Се преселил во Лондон да проба нешто ново и на 17 години успеал да склучи договор со музичкиот магазин NME.

„Во привилегирана положба сум што дечките ми веруваат и ми оставаат простор да правам што сакам,” вели Џордан, „со тоа што треба да знам кога да се повлечам. Доволно сум емотивно зрел да знам што е нечиј интересен момент, или пак е личен и не треба да се документира.”

Според Пикси, важно е „да се биде разумен” во такви ситуации. „Треба да ја почувствуваш ситуацијата, да ѝ веруваш на интуицијата и да бидеш свесен за луѓето околу тебе.” Сега веќе ги разбира овие работи, а луѓето со кои оди на турнеја, Дуа и нејзината екипа ги гледа како семејство.

Повеќето фотографи што го работат ова се мажи. Ако има нешто што Пикси би го променила, тогаш би сакала да се измени овој стереотип. „Сум забележала дека доминираат мажи. Може да биде непријатно за жена константно да биде опкружена со повеќе крупни мажи, па би сакала и жените да се чувствуваат самоуверени да го работат ова.”

Се работи за професија што може да ја работи секој што е способен да фати жива музика, и треба да биде така, без да се мисли на тоа како изгледаат колегите. Како што објаснуваат, кога ќе влезеш, толку е возбудливо што не можеш да си го замислиш животот без тоа секојдневие. „Ова е најинтензивна работа што сум ја работел во животот,” вели Ронан со ентузијазам. „Може да седиш во хотелско лоби три часа, па да сликаш пет минути. Морам да сум комплетно фокусиран и да не ги заебам тие пет минути што ги имам.”

Џордан заклучува: „Никогаш не би го земал ова здраво за готово. Деновиве водам дневник и забележувам ствари што ги чувствувам. Тие чувства знаат и да избледат после некое време, но се трудам најдобро што можам некако да ги задржам. И чувствата, и целава оваа работа секогаш ќе бидат магични.”

4 септември 2019 - 00:14