Инспирација за средување шминки

Можно е да си рековте „а, не, не, не...” при самото читање на зборот „средување”, ама чекајте малку. Многу е можно да ви е хаос и да ви треба помош. Ако не ви е, и ако шминките ви се секогаш, ама најсекогаш во совршен ред, во своја фиока, организирани по тип, или по боја - честито, вие сте еден еднорог, не постојат такви како вас, чао. Ако сте како 90% од жените, има тука едно видео што може да ви биде од помош.

Понекогаш кога средуваме, организираме, се пакуваме и други слични активности што влегуваат во злокобната територија „ај од утре”, ни треба помош. Малце мотивација. И Јутјуб е супер за тоа, затоа што ако напишете reorganizing, decluttering во комбинација со соба/куќа/шминка и слично, ќе се појават илјадници клипови од луѓе што очигледно толку ги мрзело и самите да го направат тоа што решиле да си снимат видео за да се мотивираат.

Ова е одлична идеја, патем. Можеби ќе ви биде фино да си направите видео од себе како средувате, за на крај да си го монтирате, божем Јутјубер. Што е важно што не мора да оди на Јутјуб. Но, бидејќи тоа може да ви се чини малку WTF, може и само да гледате некој друг.

На пример Ми-Ен од Refinery29 решава да си го среди бирото. И оди со класика - ствари што ќе ги сели на новото биро, ствари што требала одамна да ги однесе дома, ствари за фрлање, па организација, па некои ситни пластики за редење на сите шминки (плус некои потребни ѓубренца) по категорија. И одма е некако полесно и пофино за сликање.

Е сега, крајниот предизвик е тоа да издржи така некое време. Со среќа.

21 јуни 2018 - 13:00