Има луѓе што сакаат копии и не се срамат да признаат

Ема Грејди, е новинарка за Мен Репелер, блог што е таму некаде на врвот меѓу најјаките модни блогови. Контраинтуитивно би било да напише исповед за нејзината опсесија со лажни брендови, ама еве ја, тука е. Излечена.

Почнува со една улица во Њујорк, што ѝ била прва станица секогаш кога ќе го посетела - нешто како Битпазар кај нас, преплавено со ископирани етикети и логоа. Имала ташна Луи Витон, најлонска Прада, пластични Шанел менѓуши. После се враќала дома во Вермонт во „пуна ратна спрема”, со Луи Витон на рамо и обичната монтка што ја носела веднаш некако изгледала пофино.

„Една вечер ја носев,” раскажува Грејди, „и слушнав една богата жена како вика ‘Види, и јас имам иста таква.’ Малку ми беше страв дека ќе ме откријат, малку бев среќна што поминав како човек што може да си дозволи ташна од 1230 долари. Бојата со тек на време се излупи, ама ја носев претходно со години. Прадата се искина по шевови, ама ја закачував со безопасни, а секое боцкање и крварење вредеше заради логото.

Љубовта кон дизајнерски предмети почна многу порано. Пораснав во мало гратче во Мејн, каде што најблиску што можев да видам од мода беа списанија и Аберкромби и Фич во локалниот трговски центар. Се што беше градско ме интересираше и природно ми дојде што цело друштво на колеџ доаѓаше од Њујорк. Тие ми покажаа чевлари, брендирани фармерки (кој би рекол дека брендот се познава по задниот џеб?) и истата таа улица во Њујорк од каде што си купив и Клое ташна.

Лажњаците, на кои им недостасува вештата изработка заради која се добри вистинските варијанти доаѓаат заедно со анксиозност дека некој ќе те открие. А сепак, ги сакам. Купувањето лажни дизајнерски парчиња беше како мамење на тест, па си скроз одличен на крај - бев дел од еден елитен клуб, без да имам покритие.

После колеџ, се преселив во голема куќа кај една роднина, на Роуд Ајленд. Таа имаше посветено цела соба на брендирана облека, скапи крзна и кожни ташни. Бев во рајот. Кога заврши летото ги заменив моите лажњаци со нејзина Фенди ташна и тргнав во Њујорк во нејзината бела бунда. Не верував во себе, но верував во ташната; ми требаше нешто да ми го маскира стравот, несигурноста и анксиозноста - и тоа ми беше карта.

Се криев зад ташната како што се криев зад слоеви пудра, лажен тен, долга коса и накит. Сакав да бидам видена, без да ме видат. Омразата кон себе ми беше толку длабока што не ми се допаѓаше ништо мое или поврзано со мене. Наместо тоа ми беше поудобно во облека од други луѓе - како да е заразна нивната нормалност. Се држев до идејата дека ако изгледам на одреден начин - така ќе бидам поправена.

Од оваа дистанца гледано, опсесијата со лажни брендови има смисла, затоа што јас и самата се чувствував како измамник. Сакав скратен пат - да бидам слаба, без да се хранам здраво, да најдам партнер без да барам, да бидам успешна без да вложам труд. Времето не му прости на овој пристап, затоа што за кратко, моите плукни-залепи решенија се покажаа како фалични. Непријатно беше, но тоа ме натера да станам личноста која сакав да бидам - личност која знае да се грижи за сопственото тело, што кажува „да” на излегување и што останува до подоцна на работа за да заврши сè.

Требаше време, но полека мојата страст за нешто лажно беше узурпирана од жед за нешто вистинско - сакав вистинска самодоверба, вистинска самопочит, иако изгледаа неверојатно далечни. Прв пат во животот, сакав да бидам комплетно јас - што и да значи тоа - и со тоа и интересот за лажни брендови сосема испари.

Сè уште сакам убави капути и брендирани ташни, но сега разликата е што она што ми недостасува не ми зависи од нив. Имам најдено неверојатни парчиња во винтиџ продавници и продавници за половна облека - кожна Фенди ташна, Долче и Габана панталони, јавачка ташна од Диор и се уште се возбудувам што можам да се дотерам на тој начин без да платам многу. Сега, љубовта за висока мода ми се базира на изработката, наместо на статусот и логото што доаѓа со неа.

Не ми е криво за опсесијата со лажни ташни - во тој момент ми беше потребна. Но, етикетите имаа моќ само затоа што јас им ја давав. Пред два месеци кога ја потсетив братучетка ми на Фендито што го позајмив од неа, ми рече: 'Знаеш дека тоа беше лажно, нели?'”

20 март 2019 - 20:01