Том Сајзмор напушти на 3 март. После две недели во кома поради аневризма на 18 февруари, и поради „безнадежноста“ на ситуацијата, неговото семејство реши да го исклучи од апарати.
Приватно, за жал, злоупотребувал дроги, но кариерата успевала да му се задржи на нозе дури и по обвиненијата за насилство и по лежењето затвор. Како актер, се фаќаше за мрачни улоги, но не без исклучок - беше посветен војник во „Спасувањето на војникот Рајан“ и „Перл Харбор“, на пример.
Мат Золер Сајц од Вулчр со задоволство се потсетува на „Родени убијци“ и неговата улога на Џек Скањети - легендарно гаден детектив и убиец на сексуални работнички. Опседнат со ловење на Мики и Малори Нокс (Вуди Харелсон и Џулиет Луис), ја убеди публиката дека е најсуровиот, најгаден и најомразен лик во филм каде што шетаа двајца масовни убијци, секакви опасни сељачишта, садистички чувари на затвор дури и инцестуозен, насилен татко.
Стивен Спилберг знаел дека Сајзмор се мачи со зависност кога го ангажирал за „Војникот Рајан“ и секој ден им барал на актерите тестови за дрога, предупредувајќи го дека и на последен ден да добие позитивен тест, ќе ги пресними сите негови сцени од 58-те дена работа на филмот со нов актер. Сајзмор го истерал цел филм, па дури и останал чист некое време после тоа, до степен да оди по емисии за луѓе што се одвикнуваат од зависности и да ги советува во различни стадиуми на лечење. Ова инаку меѓу две обвиненија за напади на жени, во 2009 и 2011.
„Мракот што го канализираше на платно беше уникатно вознемирувачки,“ вели Золер Сајц. „Беше брич во вид на актер: функционален, елегантен, прекрасно смирен, но способен да се раздипли без предупредување и да го исече гледачот до коска. На најгадните, најкрвави филмови им даваше енергија само со неговата појава. Во потивки, понежни улоги, зрачеше со микс од неудобност, тага и заканувачка себенегација што само понекогаш беше дел од сценариото.“
Сајзмор доби профил со наслов „Од наркоман до холивудско воскреснување“ од 2017, во Дејли Бист, со фокус на неговиот последен период на трезност.
„Порано вината за моите проблеми ја барав во други луѓе,“ изјавува Сајзмор тогаш. „Но моментот на јасност, ако сакате така да го наречете, дојде кога еден ден се видов во огледало и прснав да плачам. Не само дека изгледав лошо, туку дека знаев дека проблемот сум јас. Порано мислев дека е Хајди (Флис) или дека полицијата си бара жртвено јагне, но можев конечно да видам дека сум јас и дека отсекогаш сум бил јас.“
Ако ви се пишува домашно, овде има топ 16 со Том Сајзмор: