Хелена Бонам Картер: „Имам многу проблеми, но како што старееш станува сеедно“

Актерката зборува за улогата на Ноел Гордон, за кога гледала како Вуди Ален отпуштал луѓе и за клучот за разбирање на принцезата Маргарет.

На 56 години, Хелена Бонам Картер смета дека ѝ се нудат некои од најбогатите улоги во нејзината долга кариера. Зборува за „Круна“, каде што ја играше принцезата Маргарет во трета и четврта сезона. Сега ќе ја игра Ноел Гордон (Ноли), актерката која во британската сапуница „Кросроудс“ ја играше Мег Мортимер, додека не ја отпуштија по 17 години редовно учество во серијата. Сега Бонам Картер живее во Лондон со нејзиниот партнер, историчарот на уметност Рај Даг Холмбо и нејзините две деца.

Дали беше посветен фан на „Кросроудс“ и обожавателка на Ноел Гордон?
Не! Да ме прашавте пред 18 месеци, ништо немаше да знам. Сега сум мастермајнд, прашајте ме што сакате, ништо нема да промашам.

Тогаш, зошто сакаше да ја работиш серијата?
Се поврзав уште на првата страница: знам што е добро сценарио. Веднаш ми светна. Расел е таков мајсторски писател, првиот чин е пресмешен.

Дали некогаш те отпуштиле од ангажман, без разлика дали ти ги објасниле причините?
Не, но сум видела како отпуштаат луѓе. Работев со Вуди Ален во 1995 на „Моќната Афродита“; отпушти неколку луѓе додека бев на работа. Го прашав „Како ги бркаш?“ и тој ми рече „Па, не им кажувам.“ И кажуваше на Џулиет од кастинг за да им каже. На тој филм, актерот што на крај се појави на филм беше трет за таа работа. Остатокот од екипата ништо не знаеше. Но, Ален беше познат по отпуштање на одлични актери. Ви текнува на филмот „Септември“? Цел филм го преправи и најде нови актери. Само Миа Фароу и Дајен Вист беа и во двете верзии на филмот.

Гордон ја отпуштија затоа што премногу го наметнувала нејзиното мислење или едноставно била престара. Се случува ли тоа сè уште?
Мислам дека луѓето цело време ги отпуштаат затоа што им се престари во денешно време. Жените секогаш ќе бидат казнувани затоа што не изгледаат исто како кога биле млади, а мажите само пуштаат брада, нели?

Но, нели е супер кога сите зборуваат за изведбите на Сара Ланкашир и Џенифер Кулиџ?
О, Кулиџ е брилијантна. Одлична е. И не се само наградите, се надевам дека луѓето кои одлучуваат ќе кажат - О, па има и за нив публика.

Твојата кариера баш и нема видено падови, нели?
Треба да разговарате со мојот внатрешен критичар. Пред некој ден, Ентони Хопкинс кажа, „Само се чудам што уште ме ангажираат.“ И јас си велам, „И ти ли? Глуп ли си?“ Сите ние сме толку глупо ранливи, имаме нула автономија над сопствените кариери, освен ако не станеш продуцент и си разумен, или брилијантно паметен. А не сме сите такви, освен Емералд Фенел, таа е неверојатна.“

Си помислила на пишување или продукција?
Можам да напишам разгледница, не и сценарио. А недоволно фокус секако нема да ми помогне во продукција - потребни се седум години за секој проект.

Што мислиш за книгата на принцот Хари?
Не би сакала да придонесувам кон целата таа работа. Комплицирано е и ќе се извади од контекст. И мислам дека доби доволно внимание.

Сега е полесно Пирс Морган да пишува за „Круна“, нели?
И овде би требало да внимавам, но мислам дека не треба да продолжуваат. Јас сум во серијата и ги сакам моите епизоди, но сега е многу поинаку. Кога почна, беше историска драма, сега влезе во сегашноста. Но, тоа зависи од нив.

Кој беше клучот да влезеш во ликот на принцезата Маргарет?
Па, всушност, на реалната Маргарет не ѝ пречеше да биде број два, но ѝ пречеше што беше ниска. Затоа во нејзиното држење има нешто што го искористува секој милиметар: седиштето и го поткревале за да може да се гледа. И многу голем дел од тоа беше потребата да не ја пропуштат со поглед, веројатно од моментот кога нејзината прабаба ѝ рекла дека е многу ситна. И тоа ја оштетило. Смешно е што сè носиме - комплекс што го диктира целото наше однесување.

Кој е твојот комплекс?
Имам јас проблеми, но како што старееш си велиш, „сеедно“. Клетвата кога си млад е што комплексот го сфаќаш пресериозно. Штом почнеш да старееш, на демоните им викаш да замолчат, затоа што се досадни.

Те прави ли тоа посреќна?
Нема сомнеж дека сум посреќна сега на 56 отколку кога и да е претходно.

8 февруари 2023 - 11:04