„Другарките ми се грди”

Во една од рубриките на The Cut, читателките можат да се обратат до психијатар за проблеми од секојдневниот живот, и така направила и една што се потпишува како „Очајна да помогне”. Очајна е да им помогне на две другарки од друштвото, кои наводно за разлика од неа, не се привлечни, а толку многу сакаат да се омажат и да имаат деца. И толку ѝ е погрешен ставот, што психијатарот во улога на „Драга Савета” ја прави парче. Терапевтски.

Ве молам да имате трпение додека се обидувам да му дадам контекст на ова што ќе звучи многу непријатно. Јас сум атрактивна жена во рани 30-ти. Имам долга врска со партнер со кој што сме многу среќни заедно. Дел сум од женско друштво кое типично би се сметало за многу атрактивно и згодно. Повеќето имаме долги врски и кога излегуваме, повеќето имаме додворувачи. Проблемот ми е следниот: имам две другарки кои не би можеле да се опишат како конвенционално привлечни. И двете сакаат и партнер и семејство, и како што сите навлегуваме подлабоко во 30-тата, ова станува сè попроблематично.

Само сакам да бидат среќни и ме растажува што гледам такви прекрасни луѓе како се постојано да одбивани и понижувани на љубовен план. Ми изгледа и особено нефер што толку многу од нашите заеднички пријателки се објективно убави жени и добиваат речиси безобразно многу внимание од мажи. Споредбата е таа и очигледно е што им е проблемот на овие две прекрасни пријателки.

Сум се потрудила да сослушам и да сочувствувам, ги охрабрувам да си најдат хобија и начини да запознаат мажи надвор од нашиот социјален круг, но и двете се дојдени до точка каде што би рекла дека страдаат од некој степен на депресија. Константно ги молам да побараат помош од терапевт за да можат да научат да се сакаат себеси, без разлика што машкиот дел од општеството мисли дека не се вредни за сакање, но ме прашуваат каква корист ќе има од тоа, кога само сакаат партнер и семејство. Заглавена сум. Толку многу пати го повторувам истото што веќе не знам што да кажам.

Многу се трудам да бидам искрена, понекогаш дури и брутално. Сакам да ги поддржам другарките додека поминуваат низ оваа потешкотија, но често се фаќам како кажувам нешто нереално, само за да ја избегнам реалноста на ситуацијата. Сакам да знам што можам да направам за да им помогнам на овие две мили жени, вредни за внимание. Се уморив гледајќи ги како страдаат и сакам да им помогнам да си помогнат на самите себе. Се надевам дека нема да звучам бездушно кога ќе кажам дека „не се убави” но мислам дека нивниот успех на љубовен план зборува сам за себе – често не можат да стигнат ни до втор состанок. Ве молам помогнете ми!

Искрено,

Очајна да помогнам

Драга Очајна да помогнам,

Пред неколку години, една млада жена што ќе ја наречам Холи, ми седна на каучот, со липање потсетувајќи се на еден понижувачки настан од викендот пред тоа. Во бар, се приближил симпатичен дечко и почнал разговор, но наскоро сфатила дека всушност е дојден за другар му – на кој му се допаднала „прекрасната” другарка на Холи, а за нејзе немал никаков интерес. После еден час флертување, на прекрасната другарка ѝ бил побаран број, а на Холи ѝ рекле „Ај се глеаме.”

Вакви работи се случувале уште од средно. На забави, на одмори, по ходници – секогаш, вели Холи, нејзините „прекрасни” другарки добивале внимание. Машките или ја сакале Холи „како другарка”, или ја користеле да се доближат до нејзиното згодно друштво.

Кој е нејзиниот заклучок? Мора да е ужасно непривлечна.

Холи не беше непрвилечна – но не беше ни жена по која би се вртеле луѓе. Беше привлечна на начин на кој и повеќето луѓе се, односно, не влегуваше во тесната дефиниција на медиумите. (За жени: високи, слаби, со големи гради, мазна коса, внимателно нанесена шминка што не личи на шминка. За мажи: висок, мускулест, извајана вилица, одлична коса.) Немаше ништо непривлечно во нејзиниот изглед, ништо што ќе создаде „одвратност” (нејзин израз) кај мажите, или што ќе ги натера да ја „отфрлат”. Не беше „невозможна за сакање” или „трол”, ни одблиску. Не сакам со ова да кажам дека е „фина” или има „супер карактер”. Сакам да кажам дека беше нормална жена, која сигурна сум, многу мажи би ја сметале за привлечна и секси – и лесно би можеле да се вљубат во нејзе – ако не шеташе наоколу со транспарент на чело – „Се надевам не ти смета што сум толку грда.”

Како терапевт, не можев да ја претворам оваа жена во супермодел. Но можев да ѝ покажам дека нејзиното убедување дека изгледот ѝ е проблем – е всушност проблемот. И дека проблемот сепак не е во изгледот.

Заедно, разгледувавме зошто таа има историја на толку многу ситуации во кои се почувствувала лошо. Се прашував што ѝ се допаѓа кај другарките што ги избрала – и во средно и после тоа – со оглед на тоа колку често се чувствуваше лошо после поминато време со нив. Но таа рече дека не се тие виновни што е така. Всушност, како што рече, заради нив се чувствувала супер, и доволно забавна за дружење, иако не била најубава. Тие правеле да се чувствува вредно.

Сепак, сакав Холи да размисли зошто се депримира откако ќе поседи со нив. Од една страна се чувствува вредна со тоа што е вклучена. Од друга страна, се чувствува и „помалку вредно”. И на суптилни начини, без да бидат свесни за тоа, и другарките можеби ја сметале за „помалку вредна.” Се запрашав, дали ја сметаат за еднаква? Дали ја сожалуваат? Дали мислат подобро за себе во друштво на некој понепрвилечен во конвенционална смисла? (Некои истражувања покажуваат дека луѓето изгледаат попривлечно кога стојат до некој помалку привлечен од истиот пол.) Тешко е да се има пријателство каде што еден е супериорен. Не дека луѓето кои се поатрактивни (или поталентирани, или попаметни, или побогати, или поуспешни) не треба да се дружат со некој што е помалку од се тоа, и обратно. Тоа е проблем само ако со дружењето доаѓа и чувството на супериорност.

Тоа ме носи до тебе, Очајна да помогнам, и твоето прашање како да им помогнеш на твоите две другарки. Можеби и не сфаќаш колку е штетно твоето „жал ми е за нив”. Иако не се сомневам дека ги сакаш, има разлика од сочувство до сожалување, а ако ги сожалуваш, дури и во себе, им испраќаш порака која не е само штетна, туку и невистинита. Твојот заклучок на пример, дека „многу машки мислат дека не се вредни за сакање” тешко дека е факт. Се разбира, мажите кои се додворуваат на тие „многу привлечни, слаби и згодни” жени во твоето опкружување, можеби и нема толку да им обрнат внимание на овие две другарки, ако се работи за динамиката на еден бар. Но како стигнуваш од тоа - до заклучокот дека „многу машки мислат дека не се вредни за сакање?” Како го објаснуваш што статистичко мнозинство на жени кои не се „многу атрактивни, слаби и згодни” – сепак се мажат за мажи кои ги сметаат за „вредни за сакање”? Набљудувај некое јавно место што не е кафич – пошта, супермаркет, АМСМ, или аеродром – и види го мнозинството на жени кои можеби не се вклопуваат во описот „многу привлечни, слаби и згодни”, но сепак имаат бурми на прст или дечковци што ги држат за рака. Следниот пат кога ќе џогираш во парк, разгледај околу себе. Види ги сите тие просечни луѓе! Види ги сите тие конвенционално не-згодни луѓе со нивните партнери и семејства, како се смеат, се бакнуваат или ги бркаат децата по трева.

Мислам дека не знаеш што е „реалноста”. И без да имаш таква намера, придонесуваш кон нивното верување во оваа таканаречена реалност.

Има многу атрактивни, слободни мажи за твоите две другарки. Жените може не можат „да стигнат до втор состанок” од причини што немаат врска со нивниот изглед, туку со нивните убедувања, ставови и однесување на првиот состанок.

Околу една година подоцна, мојата пациентка Холи дојде кај мене – се вљубила и искусила врска со згоден тип, на кој му е секси и многу други работи, сфатила колку била упорна, уште од средно, да си потврди дека е „помалку вредна”. Со тоа што се ограничила на другарки кои ја сакале, но ја сметале за помалку од нив во однос на изгледот, успеала да си го оддржи ова верување; и со тоа што предизвикувала овие другарки да ја сожалуваат, ставајќи се во ситуации кои не завршувале добро – ја зацементирала нејзината улога во друштвото како „неатрактивната со љубовните проблеми”.

Колку повеќе станувала свесна за оваа шема, толку била повеќе решена да направи промени. Се фокусирала на заедничкото со „прекрасните другарки” – хоби, работа, пасија, грижи – и нејзини и нивни – и наскоро нашла исто тло со нив. Нашла и ново друштво со потипични љубовни животи – со фрустрации и слично, и открила уште нешто за себе: во минатото, брзо ја намалувала вредноста на било кој што ѝ се приближувал: нешто мора да му фали. Мора да е за никаде ако јас му се допаѓам, затоа што сигурно не сум згодна. И се разбира, со тоа сигурно ги одвраќала тие за кои била заинтересирана – со тоа докажувајќи си дека не може никој да ја засака и потврдувајќи ја приказната. Првата врска не успеала, па ни втората, но третата успеала: и човекот ѝ станал сопруг. На свадбата, ниедна од нејзините „прекрасни” другарки – некои мажени, некои сингл, една разведена – не била изненадена дека Холи се мажи со привлечен маж кој ја смета за прекрасна.

Сакам да ти предложам, Очајна да помогнам, да ги преиспиташ твоите претпоставки за мажите и жените и привлечноста и вредноста, не само заради твоите две другарки, туку и за себе. Во еден момент, и ти ќе ја изгубиш моќта да привлекуваш машки погледи како сега. Еден ден ќе пиеш пијачка на маса до неколку атрактивни 25-годишни или ќе шеташ по улица со твојата ќерка и другарките на тинејџерска возраст и ќе сфатиш дека машките погледи се упатени на друго место. А додека да почне да се случува тоа, се надевам дека ќе имаш откриено дека сè уште вредиш за љубовта на твојот партнер.

18 јануари 2018 - 14:04