Дали бракот ќе трае подолго ако врската била долга?

Кај нас ретко слушаме за такви романси, каде што двајца се запознаваат и веќе до крајот на неделата се решени да се венчаат. Или се венчани, ако матичарот е слободен толку брзо. И од тие едвај 2-3 приказни, една сигурно завршува наопачки. Така што, веројатно не е изненадување што истражувања покажуваат дека не се многу големи шансите еден брак да успее ако врската пред него била многу кратка.

Според неколку студии, подолга врска пред брак е она што може да се поврзе со повисока стапка на задоволство во бракот и понизок ризик од развод. Во една, на пример, се открило дека паровите кои се забавувале една до две години имале 20 проценти помалку тенденција да се разведат од оние кои се забавувале пократко од година.

Причината што „подолго е подобро” е очигледна: „Тоа што подолго се заедно им дава шанса на паровите да се запознаат подобро и да откријат работи кои можеби подоцна би биле силна причина за разделба, со тоа што лошите врски би ги прекинале уште пред бракот,” вели Ариел Куперберг, професорка по социологија на Универзитетот во Северна Каролина. „Паровите кои пребрзо влегуваат во брак може да немаат време сосема да ги откријат сите тие нешта за партнерот кои би ги натерале да се разделат.”

Од друга страна пак, има временско ограничување на ефектот на долго забавување, па ако предолго сте во врска пред да се земете, и тоа носело ризик. Едно истражување од 2002-ра, покажало дека „после две години” е баш совршено време за запросување. И наводно, парови што биле заедно пократко или подолго од тоа биле статистички понесреќни во првите неколку години од бракот.

Како ова се провлече во поп-културата и секојдневниот живот за еден куп луѓе да си создаваат притисок дека, или мора да запросат, или мораат да бидат запросени - не е точно познато, но во секој случај вака фушерајски кажано, истражувањето очигледно треба да се повтори кога сега цела маса народ мисли дека ако си во врска доволно долго, а уште ништо не се случува - „нешто не е во ред.”

А еве кое е официјалносто, не-фуш објаснување:

„Паровите на кои им треба многу време да се одлучат за брак, можеби се воздржуваат од добра причина (супер, кажете им го сеа ова на сите што едвај чекаат, кој настрадал од сумња?),” додава Купеберг, „или чувствуваат притисок да влезат во брак со некој што не им е сосема компатибилен.” (ете.)

И се разбира, доаѓаме до омиленото на оваа толку популарна тема - исклучоците од правилото. Ширли Темпл е познат случај, се омажи за нејзиниот сопруг после 12 дена и уживаа скоро 50 години брак. На другата страна на спектарот стојат Голди Хоун и Курт Расел, така невенчани, вљубени и компатибилни веќе 35 години.

Заклучок? Веројатно е најпаметно човек да не се бави многу со тоа дали (не)влегувањето во брак нешто значи за чувствата на другиот. Битно да се ужива.

20 јуни 2018 - 10:38