Да ја слушал некој ќерка му на Бајрон, многу порано ќе имавме компјутери

Колку треба да си најјака за да те сметаат за првиот програмер на светот?

Денес учиме дека Ада Ловлејс, што ете, мораме да ја претставиме како нечија ќерка затоа што историјата не ја запаметила како што треба, била сериозен математичар и пишувала инструкции како да се направи компјутер. Што е чудното?

Родена е во 1815 и пишувала цел век пред да се измисли првиот компјутер.

Во раните 1840, менторот на Ловлејс, Чарлс Бабиџ побарал таа да му преведе статија за апарат што го изработувал, со име аналитичка машина, што лесно би можело да се нарече и прото-компјутер.

Ловлејс се потрудила од петни жили, со додавање детални забелешки во преводот за тоа како машината може да се подобри. Меѓу нив и како да се користи код за да се програмира компјутер заедно со многу други револуционерни концепти.

Да, програмер. Кај е проблемот?

Била прва што забележала дека машината може да има многу други примени освен обично сметање, и прва објавила алгоритам што таа машина би го употребувала. Со тек на време, забелешките се објавени како посебен труд во 1843, но веројатно ви е јасно каде води реченицата - никаде не е потпишана. Признание добива дури во 1950-те.

Патем, пред да се роди, Бајрон очекувал „прекрасно момче“, па се разочарал кога видел ќерка. Може па, да беше машко ќе беше општо познато кој е првиот програмер?

9 март 2023 - 00:01