А што ако сакам да ја откажам свадбата?

Толку ретко слушаме кај нас откажана веридба или свадба, што излегува дека сè со среќни бракови сме опкружени. А гарант барем на еден пар ќе ви текне во моментот што „ич не требаше да се зимаат.” Плус, тоа откажување ич не е филмско - се свестуваш дури во црква, се вртиш кон партнерот и наместо да повторуваш по попот, му викаш „јас ова не можам.” Фрлаш свеќите и стануваш травел блогер, а партнерот дресер на кучиња и на следна средба наздравувате од различни краеви на собата. Не.

Не, кај нас се инволвирани сватови, семејства, пропратни свадбени елементи, попови. И затоа што свадбата многу почесто е за сите други освен за тебе, станува уште потешко да се предомислиш. А не се менува фактот дека ако се предомислуваш - поздраво е да откажеш.

Една 29-годишна девојка, Џули, за Вог раскажува дека чувствувала дека нејзиниот вереник има проблеми со бес. А сакала да се омажи и да роди, па прифатила кога ја запросил. Се надевала дека ќе му помогне да намали со агресија. Но кога сфатила дека не можат да се согласат за ништо за време на планирањето на свадбата - а и за сè друго - ѝ станало до крај јасно она што веќе го насетувала - не се еден за друг и ништо не може да го поправи тоа. Дури ни свадба. Особено не свадба.

Џули кажува и дека откажувањето на свадбата е најдобриот избор што некогаш го направила. Сепак, на други не им е така лесно да пресечат.

Има и неколку точки што треба да ги поминете пред да заклучите дали ќе ја биде работата или не.

Верувајте си на инстинктот

Интуицијата ви е многу битна. Џули вели дека кога се замислувала како оди до олтарот, повеќе ја фаќало нервоза отколку радост и возбуда и тоа ѝ било знак. „Во ред е да се плашиш од новиот живот и како роднините ќе се однесуваат на свадбата, но не е во ред да се плашиш да го погледнеш избраниот партнер во очи,” вели Аманда Лутерман, психотерапевт. Сепак, судете внимателно - да се подисплашиш не значи дека си во нездрава врска. „Повеќето луѓе се плашат да не се разочараат или тие да ги разочараат нивните партнери,” додава таа. Да бидеш нервозен е сосема нормално. Сепак се обврзуваш на огромна транзиција пред семејството и пријателите.

Идентификувајте ги опасните знаци

Кога бившиот на Џули им се дерел на нејзините родители и продолжил да дига тон и тоа застрашувачки, знаела дека мора да бега. Според National Coalition Against Domestic Violence, една од три жени пријавуваат дека партнерот ги малтретирал во еден момент во животот, без разлика дали физички или психички. Лутерман вели дека малтретирање, дали сексуално, финансиско, емотивно или вербално автоматски значи дека свадбата треба да се откаже. Слично на тоа, ако партнерот е таинствен околу финансии, не се мажете/женете. Истото важи и за партнер што ве омаловажува и не покажува никаква љубов, а не е ни спремен да работи на тоа како проблем.

Кажете им на гостите

Овде може доаѓа најмакедонскиот проблем, ама искористете ги старосватицата и кумот за тоа, кога веќе не стигнаа да завршат работа. Ако ви е вас тешко, тогаш тие нека ги известат гостите за да можат да откажат превози, понекогаш и хотелски соби, да вратат или да не купуваат поклони и слично.

Одете на психотерапевт

Ако се мислите, одете кај професионалец. После толку поминато време со една иста личност може да се изгуби способноста да се процени ситуацијата. Затоа Лутерман препорачува секако да се оди на советување. Психологот може да ја ублажи потребата да се откаже свадбата, или да помогне во одлуката дали е тоа вистинската опција.

Заборавете на трошокот

Повеќето фирми/даватели на услуги/ресторани бараат капар кој ќе пропадне ако ја откажете свадбата. Па што ако. Не треба да останете во токсична врска само за да ви се исплати. „Запаметете,” вели Лутерман, „само затоа што сте биле со некого до сега, не значи дека треба да продолжите и понатаму. Во прв момент може да биде болно, но да се обврзеш на несреќен живот засекогаш не вреди за парите што ќе ги изгубиш.”

Одложете

Кога не ви е ни до откажување баш, секогаш можете да презакажете. Сте заслужиле да бидете пресреќни, дури и тоа да значи дека треба да почекате. Лутерман вели, „понекогаш да одложиш е најдобро решение, додека да се смирите со партнерот на секоја непријатна тема.” И кога ќе дојде време, ќе можете да уживате во значајниот и радосен ден.

На пример вака.

23 јули 2018 - 12:44