7 задолжителни производи што Французинките ги имаат во несесер

Досега ни е веќе јасно дека светот е опседнат со францускиот пристап кон убавината, и човечка и општа - од шминка и нега, до ентериери и мода. И никогаш не е на одмет уште учење.

Камиј Јолен е основачка на францускиот бренд за убавина Јолен, а претходно пишувала за убавина во Тhe Little Paris. Пробала и манекенство и актерство и инфлуенсерство. Со PureWow споделува на што следно треба да трошиме пари.

Кармин на кој можеш да се потпреш.
Клишето е дека Французинка не мрда од дома без црвен или слива-модар кармин. Јолен се согласува.

„Вистина е дека многу сакаме да имаме добар кармин. Го користиме и како руменило, па не губиме на простор во несесер.“

Маст за повеќе намени.
Ако не знаевте досега, отсега немате изговор: ниедна шминка не може да надомести за исушена кожа што се лупи. Затоа ви треба нешто од аптека. Французинките користат Хомеоплазмин, а вам воже да ви заврши работа Вазелин или било што сродно на тоа (маст од арган, невен...)

Бронзер за сјај во секое време.
Ако тврдат дека не носат никаква шминка, лажат - французинките обожаваат шминка и доволно е само да поминат хоризонтално преку носот и образите со четка за „божем ги фатило сонце“.

Лесен, кремаст коректор.
Не за џабе се вика french no-makeup makeup look. Знаат често да баталат пудра, но да се потпрат на коректор - кремаст за да не стане хорор после некое време. Треба да е целодневен и да не се претерува со него.

Добра маскара.
Јолен драми дека „очите се прозорец кон душата“, а реално, на страна и душа и сè, се знае каков ефект може да има добра маскара. Затоа, без непотребно задржување - инвестирајте во нешто добро, и тоа не мора да биде голема инвестиција - Essence има врвни маскари, преевтини за тоа што го нудат.

Шише мицеларна вода.
Да ја искористиме приликава и да истакнеме дека се вика миЦЕЛАРна вода - премногу миЦЕРАЛни се шуњаат по коментари и реклами. А производот е и тоа како потребен затоа што има три функции - чисти (и шминка), тонира и навлажнува. Bioderma има одлична.

Лосион за раце.
Замисли - седиш кај и да е, некој ти бара нешто да му подадеш, или бетер - треба да пружаш рака да се поздравиш, и во последен момент пред да го допреш човекот, забележуваш дека не пружаш рака, туку шмиргла. Џабе и накит, и лак и тетоважи - ако не е негувана кожата на раце, едноставно не може да изгледа добро. Ако нема СПФ заштита кремата исто ништо не правиме. Најдете си нешто добро и што ви одговара. Dove има одлични за осетлива кожа.

27 јануари 2023 - 00:00