5 грешки што водат до ентериер без душа

Феникс Греј е канадски дизајнер на ентериер што себе се нарекува „татко на дизајнот“ и на социјални мрежи е популарен по советите што ги дели за уредување по дома.

На ТикТок споделува видеа со совети, меѓу кои и пет грешки никогаш не би си ги дозволил и скроз има смисла - некои сопки што си ги правиме ни ги прават домовите досадни, бездушни и безбојни, ама има начини да се смени тоа.

Прва грешка: Купувате готови слики во серија во продавници за опремување ентериер
Немаат никаква вредност и подобро би било да изберете нешто што вам ви се допаѓа за да има некакво значење. Може да изберете локален уметник, може сами да се обидете да направите нешто, или да закачите нешто направено од пријател. На крај, подобро закачете домашни фотографии, отколку готова слика од Икеа.

Купувате мебел само од една продавница
Немојте, ако не сакате домот да ви изгледа како страница од каталогот на продавницата. Ако баш инсистирате сѐ да биде од Икс продавница за мебел затоа што „најквалитетни се и доста“, тешко дека ќе постигнете да биде нешто лично ваше.

Црпите инспирација од едно место
За инспирација фала богу денес има не само Пинтерест и Инстаграм - има филмови, книги, списанија, прирачници... Еден извор само ќе ве ограничи.

Го местите светлото во бањата да паѓа надолу
Сигурно ви е од старт јасно - ако сте најубави, тогаш нешто е направено како што треба, ако ви е страв да се погледнете во огледало - горе ви е светлото и треба да се тргне од таму.

Ги следите најновите дизајнерски трендови
Прво, ова е прескапо, затоа што секој тренд не е евтин. Ако баш ви е мерак да го вклучите трендот, тогаш нека биде само дел од него - мали парчиња што ќе се вклопат во просторот. Додаток што ќе одговара со големите инвестиции што веќе ги имате направено. Трендовите се менуваат на три месеци, неисплатливо е да се бркаат.

7 април 2023 - 00:00