Флеш-моб на Танец

МАКЕДОНИЈА ЗА ГИНИС – НАЈГОЛЕМОТО ОРО ВО СВЕТОТ

НУ „Танец" и „Скопско туристичко лето" реализираат заеднички проект Најголемо оро во светот, со кој Македонија планираме да ја внесеме во Гинисовата книга на рекорди.

Мотото на настанот е Цела Македонија – едно оро! Патот од Охрид до Струга не е Македонија, но оние кои по него ќе го играат најголемото оро во светот се Македонија! – велат организаторите. Целта ни е да ја претставиме сликата на Република Македонија како мултиетничко, граѓанско, демократско општество. Да покажеме дека разликите не прават посилни и единствени. Да ја ставиме Македонија на светската мапа на атрактивни туристички дестинации. Да ја почнеме туристичката сезона порано.

Поводи за овој потфат има неколку: одбележување на јубилејот на Танец – 65 години од неговото постоење, одбележување на Светскиот Ден на танцот, 29 април, и се разбира, да влеземе во Гинисовата книга на рекорди. За Македонија на јабанџиите им се советувало: таму немој ниту да играш ниту да пееш, оти и ќе те надиграат и ќе те натпеат! Време е да го докажеме тоа! – вели Зоран Џорлев, директор на „Танец".

Орото ќе биде формирано и изиграно на 10 мај, сабота, напладне, а ќе се протега на 18 километри, од хотелот Инекс Горица во Охрид до Мостот на поезијата во Струга, и ќе трае нешто над 5 минути. За оваа пригода премиерно ќе биде изведена музика од две стари ора, аранжирана како една композиција под наслов „Повезден те гледам". Очекуваме со 18.000 учесници да го собориме сегашниот рекорд кој од 2009 година го држат Кинезите со 17.200 учесници.

Пропозициите за признавање на рекордот се јасни, едноставни, но строги: орото треба да биде непрекинато, да се игра според утврдена кореографија, а секој учесник што ќе го прекине орото ќе треба да биде елиминиран. Секој учесник ќе добие свој реден број за да може да се утврди точниот број на учесници. За набљудување на обидот за рекорд и негово признавање се очекува во Охрид да пристигне и официјален судија од Гинис.

Сашо Ѓуровски, идејниот творец и извршен директор на проектот: Градоначалниците на Охрид и на Струга, Бакрачески и Села, ја дадоа својата поддршка за орото кое и двата града треба да ги внесе во Гинисовата книга на рекорди, а со тоа ќе ги впише и во светската туристичка мапа. По очекуваното поставување на рекордот, во двата града на отворени сцени ќе се одржат концерти на културно-уметничките друштва од цела Македонија, предводени од „Танец", чиј концерт во Охрид ќе трае час и половина.

Проектот го поддржаа и повеќе културни институции: Охридско Лето, Струшки вечери на поезијата, Македонска Опера и Балет, Македонска филхармонија, Танц фест, како и повеќе компани. За учество се пријавија речиси сите фолклорни друштва, и други организирани групи учесници (членови на разни граѓански здруженија и организации, спортски друштва, основци, средношколци, пензионери), како и огромен број граѓани од цела Македонија, така што очекуваме и да го надминеме планираниот број на учесници. Транспортот на учесниците до местото на настанот ќе биде организиран со автобуси од сите општини.

Поддршката за орото доаѓа веќе и од светот. Имено, овој настан е првиот во нашата земја што доби поддршка од Светската и на Европската туристичка организација. Г. Талеб Рифаи, претседател на СТО со воодушевување ја поздрави идејата како вистински начин на туристичка промоција на Македонија.

Поддршка на Најголемото оро во светот досега дадоа и повеќе еминетни личности од нашиот јавен живот: писателот Венко Андоновски, музичарите Влатко Стефановски, Наум Петрески, Блага Петреска, Благоја Грујовски, сликарот Живко Поповски – Цветин, ракометарот Наумче Мојсоски, креаторката Елена Лука. Изјави на поддршка од познати личности и натаму пристигнуваат.

Македонската Радио и Телевизија ќе вршат директен пренос на настанот – од Македонското радио орото ќе прозвучи точно напладне, со што ќе започне обидот за соборување на Гинисовиот рекорд. МТВ ќе врши директен пренос со повеќе од 20 камери, неколку репортажни коли и со огромна екипа професионалци, снимајќи го орото по целата траса од 18 км од теренот, од вода и од воздух.

Манифестацијата има своја интернет (www.mkzaginis.mk) и фејсбук страница Македонија за Гинис, на кои можат да се пријавуваат заинтересираните, а на располагање се и телефонските броеви: 072 636 – 307, 075 888 – 400, 078 988 – 998.

30 април 2014 - 18:42