Дуке X 2

По пауза од две години, еден од најистакнатите македонски композитори, Дуке Бојаџиев, кој долги години живее и работи во Њујорк, ќе настапи пред македонската публика со два последователни концертa. Концертите ке се одржат на 11 и 12 Мај во новиот објект на Македонската Филхармонија, со наслов „СОН ВЕРБА ЉУБОВ“. Бојаџиев ќе настапи со авторски материјал освежен со нови нумери од албумското издание Сон-Верба-Љубов како и дел од неговото поново филмско творештво.

Дуке (пијано и вокал) ќе настапи со тим од врвни музичари и гости. Специјален вокален гостин ќе биде Тијана Дапчевиќ, актерката Наташа Петровиќ – вокал и нарација, на кларинет Исмаил Лумановски, Костас Анастасиадис на тапани, Мартин Ѓаконовски на контрабас и стринг квартетот во состав: Владимир Крстев виолина 1, Маја Ефремова Шеќерова виолина 2, Марко Виденовиќ на виола и Марија Михајловска на виолончело.Билетите се во продажба на http://mktickets.mk/и сите нивни продажни локации низ Македонија, како и на билетарницата во Македонската филхармонија.

Дуке Бојаџиев од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ Беркли во Бостон. Низ неговата меѓународна кариера Дуке има креирано музика за многу филмови и соработувано со неколку добитници на Оскар, меѓу кои режисерите Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со Рајко Грлиќ, Столе Попов и Митко Панов. Во моментот работи на филмот „Бегство кон морето“ на Вељко Булајиќ, кој е во постпродукција.

Дуке низ својата кариера има настапувано во повеќе светски хали, меѓу кои два пати во Карнеги Хол во Њујорк, Авалон театар во Лос Анѓелес, Античкиот театар во Охрид, Метрополис Арената во Скопје, Коларац во Белград и многу други.

Види и:

Дуке и Јосипа: Зборот што нè навреди

Дуке, Крсте и Исмаил ви честитаат Нова година

Дуке и Каролина - Зборови немам

Дуке и Мартина - Eternity

Донка, Дуке и Крсте

Македонска приказна

Дуке како Диџеј на Трендоленд

 

19 април 2018 - 11:37