На 12.09, вторник, во, 19:30 часот, во Музејот на Град Скопје за прв пат ќе биде претставена уметничката група Шатакуа од Скопје. Истоимениот проект, Chatautauqua - е сплет од аналогна фотографија, видео движења, објекти и музика. Мултимедијален настан што внимателно се развива над три години.
Очекувајте високо-квалитетни аналогни принтови во невообичаени формати. Аналогните фотографии се печатени низ сложен процес во Кошице, Словачка, едно од ретките места во Европа каде што се развива и принта ваков тип на фотографија. Видето во проектот е поддршка, уште еден столб во изразот на овој колектив. Музиката, како и секогаш, е тука да ја оплемени целата приказна. Инспирацијата доаѓа од култната „Зен и уметноста на поправање мотори“ на Роберт М. Пирсиг, кој се повикува на оние Шатакуи од 20-тите години на минатиот век, кои патувале низ Америка и имале за цел да поучат и забават, нудејќи широка палета на различни уметнички дисциплини преку кои ја остварувале својата цел.
Шатакуа се Филип Куновски, Дарко Поповски, Јулијан Мицевски
и Андреј Татарчевски.
Филип е од Скопје а последните 9 години е во Прага. Дел е од Прашкиот Кауч Колектив, во 2020-та заврши на отсекот - Фотографија и нови медиуми на ФАМУ.
Дарко е исто така од Скопје, и во последниве 10-тина години бил дел од музичките групи Его Диско и Плутос Даутс.
Андреј Татарчевски бил дел од повеќе музички проекти; Изечоци, A World to Taste и Cycle1.
Јулијан Мицевски, познат по групата Скопски Грув и член на бендот Lincoln Letter, неодамна промовираше втор албум во МКЦ.
Младиот а веќе мудар Дарко Поповски ќе каже:
Нашата Шатакуа е повеќеслоен аудио - визуелен комплет што во основа е аудио сложувалка, попарена со видео фајлови, дообјаснета преку фотографии и пригодни објекти.