Изложба на Анита Огњановска

Огњановска повторно се претставува пред македонската публика со нов циклус дела кои истражуваат теми како личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на деталите кои носат длабока значајност. На изложбата ќе бидат претставени околу 40 дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно.

Изборот на делата за оваа изложба е направен од професорот Костадин Танчев – Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар. Осврт на творештвото на Анита Огњановска ќе направи професорот Владимир Мартиновски – истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително, поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба, и истата ќе биде претставена на отворањето.

Огњановска вели дека нејзините дела содржат елементи на охрабрување – потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој. Во нив таа ги истражува љубовта и страста како движечки сили на креативноста, но и теми како надминување лични стравови и пронаоѓање внатрешна храброст.

Анита Огњановска е ликовен уметник од Скопје со над 15 години искуство. Покрај самостојните изложби во Македонија, Хрватска и Данска, нејзините дела биле дел од групни изложби во Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија.

* повеќе

3 март 2025 - 22:17