- Во период од околу четири часа вчера беа откажани сите авионски летови на територијата на САД. Ова е најдолгото општо приземјување на авиони по терористичкиот напад на 11 септември 2001 година.
- Забраната за летови траела од 15.54 до 20.15 часот според локално време. Во тој период, според FlightAware, биле откажани повеќе од 8.500 летови и уште 8.000 биле одложени, вклучувајќи и меѓународни.
- Министерот за транспорт Шон Дафи изјави дека бил преоптоварен постариот систем за комуникација во контролата на летање. „Станува збор за аналогна телекомуникациска опрема. Нашите централи и рутери всушност беа преоптоварени со податоци, па престанаа да работат“, рече Дафи. Според него, на системот му е потребна целосна реконструкција, со проценет трошок од 50 милијарди долари.
- Секретарот за внатрешна безбедност, Марквејн Малин изјави дека нема „апсолутно никакви докази“ дека прекинот бил предизвикан од кибернетски напад. Отфрли и поврзаност со глобалниот прекин во работата на апликации на Микрософт, кој почна во четвртокот.
- Надминувањето на техничкиот дефект ќе предизвикува повремени застои во авионскиот сообраќај уште неколку дена.
- Руската делегација на преговорите во Абу Даби побарала НАТО да ги повлече своите воени сили подалеку од границата со Русија, а Финска да замине од Алијансата и да го обнови својот статус на неутрална земја, пишува германскиот весник „Билд“.
- Ова се само дел од предлозите на Москва за воспоставување нови безбедносни аранжмани во Европа, кои им биле пренесени на претставниците на САД и Украина. „Билд“ нагласува дека овој документ е само еден од неколку неофицијални нацрти и дека не може да се потврди дали е одобрен од Путин.
- Молдавија би се трансформирала во федерација на централната територија, Придњестровје и Гагаузија. Ако Молдавија се приклучи кон ЕУ, на двата проруски региони би им било овозможено да одржат референдуми за независност.
- За возврат, Русија би ги повлекла нуклеарното оружје и ракетите со среден дострел распоредени во Белорусија. Исто така би ги повлекла и своите војници од Придњестровје.
- Ставот за Украина е непроменет. Русите побарале Киев да ги отстапи целите територии на Доњецк и Луханск, вклучувајќи ги и оние што сега ги контролираат украинските сили.
- Пристаништата Одеса и Николаев би биле демилитаризирани. Посебни аранжмани би ја гарантирале слободата на пловидба во Црното и Балтичкото Море.
- Киев би морал трајно се откаже од намерата за пристапување кон НАТО, но би можел да го продолжи процесот за членство во Европската Унија.
- Сите полициски службеници кои работат на терен ќе носат телесни камери по примерот на американската полиција, откако Министерството за внатрешни работи склучило петгодишен договор со американската компанија „Аксон“.
- Телесните камери според информациите на „Слободен печат“ ќе бидат доставувани сукцесивно, во наредните пет години, а првите се очекува да станат дел од полициската униформа на средината на 2027 година. Договорот не може да се пронајде на страницата на Бирото за јавни набавки, бидејќи е склучен во четири очи за оваа софистицирана опрема.
- Телесните камери ќе работат со бројни функционалности како вештачка интелигенција, и превод на говорот во реално време од над 40 јазици, а снимките ќе пристигнуваат во команден центар (сличен на оној од „Сејф Сити“, но посебен) каде софтверски ќе се прави анализа на податоците.