Преку вршителот на должноста главен и одговорен уредник на српскиот јавен сервис, Студенската листа која победи на изборите побарала досиеја на 50 вработени новинари и уредници во РТС.
ВД директорот Боривое Ускоковиќ ги информираше вработените и дека не треба директно да контактираат за изјава или гостување некого од избраните пратеници на листата туку за тоа прво преку меил мора да му се обратат на медиумскиот тим на листата.
Небојша Крстиќ (екс Идоли) кој се зачлени во СНС веднаш по изборниот пораз тврди дека на таа листа има презентерки кои читаат временска прогноза, уреднички на филмска програма и други - политички неспорни- кадри.
Член на управниот одбор на РТС поднесе жалба на ваквата најава за професионален линч, порача дека јавниот сервис не е изборен плен и побара веднаш да престанат заплашувањата на вработените во куќата.
Пред Трамп да му објави војна на Иран, ЦИА изготвила три одделни разузнавачки проценки и во секоја од нив заклучила дека Техеран нема програма за нуклеарно оружје, тврди поранешниот разузнавачки офицер Џон Кирјаку.
Трамп, сепак, повеќе им верувал на информациите што ги добивал од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и од Мосад, за кои се потврди дека биле погрешни.
„ЦИА беше прилично доследна во ставот дека војната против Иран е лоша идеја. Анализата покажа дека Иранците се многу поцврсти отколку што веруваа креаторите на политиките“ вели екс-офицерот на ЦИА.
Тим на ЦИА, познат како „црвена ќелија“, чија задача е да размислува надвор од рамките, заклучил дека во случај на војна „Израел е тој што би можел да се распадне и да престане да постои, а не Иран“.
Претседателот Доналд Трамп не бил вмешан во операцијата за трговија со луѓе на Џефри Епстин, заклучи републиканското мнозинство во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом во завршниот извештај по 15-месечната истрага како федералната влада го водела случај против Епстин.
„Епстин работеше неказнето, заштитен и овозможен од моќни врски и од правосуден систем кој постојано ги изневеруваше неговите жртви“, изјави претседателот на Надзорниот комитет, Џејмс Комер.
Авторите на извештајот препорачаа Министерството за правда да покрене нови истраги во кругот на Епстин, а од Конгресот побараа да усвои закон „за да се спречи злоупотребата на договорите за доверливост за замолкнување на жртвите од сексуална злоупотреба“.
Лидерот на демократите во Комисијата, Роберт Гарсија, најави дека ќе ја продолжи истрагата по промената на мнозинството во Конгресот.
„Министерството за правда продолжува незаконски да задржува над 2,5 милиони страници документи... Јавниот обвинител Тод Бланш сè уште нема сведочено за својата улога во најголемото владино прикривање во модерната ера“, изјави Гарсија.