- Во Македонија е нормално да те тепаат, да те пцујат и да те стрелаат затоа што си Бугарин, додека полицијата ништо не презема, тврди Христијан Пендиков, во „ексклузивно интервју“ за бугарската БТВ.
- Ние учиме историја според која само Србите ни се браќа, а сите останати ѝ посакувале само лошо на Македонија, вели Пендиков кој дури пред само неколку години се освестил како Бугарин.
- На 22 годишниот освестен Бугарин, чие тепање во Охрид дополнително ги влоши односите меѓу Македонија и Бугарија од бугарскиот државен врв му беа понудени серија бенефити: бесплатно сместување во стан во Софија, паричен надоместок за да живее таму со својата мајка и забрзување на постапката за стекнување со бугарско државјанство.
- Џефри Епстин во имејл во 2011 година запишал дека Доналд Трамп поминал неколку часа со жртва на неговиот синџир за проституција во неговиот дом, тврдат демократски конгресмени од Комитетот за надзор на Претставничкиот дом. Овој мејл, според демократските конгресмени, Епстин го испратил до својата партнерка Гислејн Максвел.
- Во друг мејл, испратен до новинарот Мајкл Волф, Епстин напишал за Трамп: „Секако дека знаеше за девојките, бидејќи бараше од Гислејн да запре“.
- Трамп признава дека се познавал со Епстин, но категорично ги отфрла тврдењата дека знаел за неговиот синџир за проституција и подведувањето малолетнички.
- Епстин беше пронајден обесен во својата затворска ќелија во 2019 година, како жртва на наводно самоубиство, а Максвел отслужува казна од 20 години затвор бидејќи му помагала на Епстин во злоупотреба на малолетнички.
- Десетици домородци од амазонските племиња насилно упаднаа во зградата во која се одржува глобалниот климатски самит КОП30 во бразилскиот град Белем, протестирајќи против земјоделците и индустријалците што ги загрозуваат нивните заедници и им ја уништуваат природата од која живеат.
- Воинствените демонстранти се судриле со обезбедувањето, при што имало и повредени, но биле спречени да се пробијат до главната сала во која биле високите светски претставници.
- „Нашата земја не е на продажба. Не јадеме пари. Сакаме нашите земји да бидат заштитени од агробизнисот, црпењето нафта, нелегалните рудници и сечата на дрвја“, порача претставник на локалното племе Тупинамба.
- Токму заради самитот КОП30 бразилските власти ја осакатија Амазонската прашума. Десетици илјади хектари заштитена шума беа жртвувани за да се изгради автопат од 13 километри од аеродромот во Белем до конференцискиот центар.