- Шефот на Пентагон Пит Хегсет споделил детали од воениот удар врз Јемен на 15 март во група на платформата Сигнал во која биле десетина лица, вклучувајќи ги неговата сопруга, братот и личниот адвокат, објави Ројтерс, повикувајќи се на четири сигурни извори.
- Сопругата на Хегсет, Џенифер, е поранешна продуцентка во телевизијата Фокс њуз. Таа е вработена во Пентагон и присуствувала на најмалку две чувствителни средби на Пит со странски министри и офицери. Неговиот брат Фил е службеник за врска помеѓу министерствата за внатрешни работи и за одбрана.
- Хегсет веќе е под притисок откако пред еден месец беше откриено дека уредникот на порталот Атлантик, Џефри Голдберг, по грешка бил вклучен во групата на Сигнал во која се разменувале детали од воениот напад врз бунтовничките хути во Јемен.
- „Уште еден ден, уште една стара приказна, вратена од мртвите. Немало никаква доверлива информација на никаков чет на Сигнал, без оглед на колку начини настојуваат да ја напишат приказната“, коментираше портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
- Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
- Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
- Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
- „Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.
- Фирми за кибернетска безбедност регистрирале милиони напади врз веб-страници откако беа објавени критични пукнатини во програмскиот јазик PHP на кој се потпира интернетот.
- „Десет часа пред објавувањето на ранливоста, забележавме илјадници обиди за злоупотребување на мрежата. Таа бројка се зголеми на десетици илјади во 45-те минути по објавувањето, на стотици илјади во рок од 2 часа, а сега достигна милиони“, изјави Метју Принс, директорот на Cloudflare.
- Додека се надградува заштитата на серверите, во прекин се многу владини, даночни, банкарски, авионски и железнички услуги од Финска до Јапонија.
- „Тоа беше долг ден и долга ноќ, за сите што работат во информатичкиот и безбедносниот сектор. Вакво нешто не сум видел многу, многу долго време“, изјави Сатја Надела, извршниот директор на Микрософт.