Уредете го домот според хороскопскиот знак

Текстот во рубриката Стигнавме на дното е преземен без интервенции од порталот Актуелно 24.

 На мебелот кој го одбираме, покрај трендовите за уредување на ентериерот, голема улога имаат и хороскопските знаци. Притоа, голема улога играат карактеристиките на хороскопските знаци кои често одредуваат што ни се допаѓа, а што не.

Овен
Одлуките ги носат спонтано, обожаваат слобода и својот авантуристички дух го пренесуваат во ентериерот. Затоа, мебелот кој тие го избираат мора да биде функционален додека естетиката е на второ место. Темпераментот на овенот одговара на огнените бои како што се црвените нијанси, а металот им е поомилен од дрвото кога станува збор за материјалите на мебелот. Централно место во станот им зазема собата со креветот, како и полиците со многу книги.

Бик
Ужива во собирањето на најразлични предмети и украси, а воедно и ужива во традицијата. Сака антиквитети, а сите сувенири се поставени на видливо место. Од боите најмногу му одговараат зелената, портокаловата и земјените тонови. Централно место зазема кујната, а најсреќни се кога живеат во сопствена куќа со голем двор.

Близнаци
Флексибилни се и најчесто сакаат дружби. Затоа преферираат отворени, пространи простории кои лесно се одржуваат. Често се селат, па избираат мебел кој лесно се склопува и расклопува. Преферираат жолта боја, како и светлите нијанси на сивата и сината. Сакаат да организираат куќни забави, а исто така многу време во денот поминуваат во работната соба.

Рак
Раковите се познати по своите страсти кон колекционерството. Потребна им е сигурност во домот, па затоа им е многу важно да се чувствуваат удобно. Ѕидовите често се украсени со семејни фотографии или фотографии од патувања, а преферираат меки материјали кога станува збор за мебелот. Сакаат топли бои како што е виолетовата, а средишното место во нивниот дом го зазема дневната соба, со топол и мек мебел.

Лав
Важна им е пораката која ја испраќаат преку средувањето на ентериерот, па затоа преферираат уникатност и луксуз. Од боите најчесто ги одбираат белата и златната. Најголем дел од времето го поминуваат во своите кралски фотелји или меки, раскошни кревети.

Девица
Девиците се реалистични и скромни, но тежнеат кон перфекционизам. Функционалниот мебел многу вешто го комбинираат со прекрасни детали и сувенири, а покрај самата естетика многу важен им е квалитетот. Од боите најмногу им прилегаат кафените тонови, кремастите, како и зелената. Нешто најважно во нивниот дом им се дворовите или пак балконите со извонреден поглед.

Вага
Вагите се познати по одличниот вкус, друштвеноста и чувството за уметност. Живеат со стил, модерно, тежнеат кон луксуз, при што често забораваат на функционалноста на предметите. Сите простории мора да се совпаѓаат по боите, особено во белите тонови, сребрената и плавата. Најгорди се на уредувањето на луксузните бањи.

Скорпија
Страствените скорпии тежнеат кон оригиналност, па затоа во домот често мешаат многу стилови. Формата на предметите и лудите идеи им се поважни од удобноста, а од материјалите најмногу ги сакаат железото и кожата. Преферираат црвена, силно зелена и црно – бели контрасти.

Стрелец
Стрелците често патуваат, великодушни се и не престануваат да ја бараат смислата на животот во мудростите. Отворени се за многу култури, а за нив идеалниот стан има високи тавани и е богато опремен. Виолетовата, пурпурната, како и темно сините тонови се оние кои најчесто ги користат за уредување на ентериерот.

Јарец
Ладни, воздржани, реалистични и скромни луѓе кои своето место на живеење го уредуваат исклучиво со неопходните парчиња мебел. Не сакаат многу детали и сувенири, а се што купуваат планираат да им трае до крајот на животот. Преферираат јасни линии и цврсти материјали, како што е каменот. Од боите омилени им се сивата и сините тонови.

Водолија
Водолиите обожаваат експерименти, екстравагантни се и тежнеат кон оригиналност. Во нивните домови се испреплетуваат различни стилови, а често знаат и да го менуваат распоредот на мебелот, сликите и декоративните елементи. Обожаваат стакло, бамбус и алуминиум.

Риби
Живеат во романтичен свет, во кој голема улога играат чувствата и соништата. Идеална локација за живеење за нив е куќата покрај море, која е креативно уредена и украсена со уметнички детали. Од боите ја преферираат тиркизната кога станува збор за ентериерот, а нивниот дом го доживуваат како одлично место за мир и релаксација.

30 септември 2014 - 12:37