Да го бараме Ѓоковиќ во училниците

Вредна професорка држи вредни лекции и кога е распуст. Вели дека проблемот настанал кога тие биле сведени на просветни работници, по што сè повеќе се заборава дека тие треба да бидат просветители. Оние кои ќе негуваат и бодрат критичко мислење, оние кои ќе бидат добри не затоа што ставаат петки туку затоа што знаат убаво да објаснат зошто ставиле двојка.   

Абе, му се смири ли девојката?

Еден жесток но кревок момок рика плаче зашто го оставила девојката. Пријателчето има решение, да го носи на психијатар. И покрај првичниот сомнеж, пријателчето го послушува пријателчето. Следствено, хепиенд. Ене ги, пијат сокчиња од цевче и си наздравуваат. Ко да сме 1964-та а не 2024-та. Докторе, што ти е?

Макарска да се евакуира

Ни Макарска не е поштедена од вонредни непогоди среде сезона. Со кола и звучници („народе, што купувам...“) се најавува настап на озлогласениот Десингерица, оној што ги мава со патика, им крши јајца на глава, им ренда сирење... Ама барем поштено и навреме повикуваат на евакуација. На оној нормалниот дел. Безумните копиљаци нека завршат со сирење на глава, ако веќе така сакаат да си ја памтат младоста.