Пиринска се буди

Ставаме ваков претенциозен наслов само затоа што што во соседна и европска Бугарија се шокираат и стаписуваат ако некој се произнесе за Македонец, во случајов Македонка. Пејачката Василија Петрова, своевремено учесничка во шоуто „Гласот за Бугарија“ рекла дека се чувствува како Македонка, ставила едно „ј“ во името и навивала за „радикална партија“. Проблем? Кај нас сакаат во устав да влезат, кај нив не даваат човек во срце да си влезе.

Умните зборови на оџата од Иса Бег

Со уста полна Алах, во рака оружје, во џебови кокаин.... Парампарче меѓу себе се направивте. Секоја недела некој некого убива. Треба да ги затвориме џамиите и да ви кажеме, нема џума овој петок, одете кај сакате вие од Чаир. Повеќе проповеди имаме овде отколку во Саудиска Арабија и пак џабе... емотивно порача оџата Мyарем Исмали од Иса Бег џамијата, по последното убиство во Чаир во кое настрада 35 годишен дечко а биле испукани стотици и стотици куршуми.   

За љубителите на полицијата

Кодоши, тастери, цинкароши, денунцијанти... се оние кои не соработуваат со полицијата од професионални причини туку - од љубов. Во социјалистичко време Службите паметно распоредувале такви луѓе на занимливи позиции (на пример келнери во драмски бифеа каде после неколку чашки им се разврзувал јазикот на уметниците и другите „инфлуенсери“). Душан Ковачевиќ се заинтересирал и за бројката на таквите во Белград. Многу. А не сме сигурни дека тие времиња имаат поминато. 

Џукело моја, прејди на друг

За ова веќе подолго време се зборува, дека во некои градови, кучиња скитници организирано се собираат и потоа организирано се транспортираат со комбиња во друг, најчесто соседен град, каде се пуштаат на слобода. Ако не можеш да го решиш проблемот, премести го кај друг. Веќе има сведоци, веќе има снимки.

Регрутираните македонски рапери да се јават на каса

Мајк Бенц (поранешен функционер во Стејт Департментот) тврди дека Стејт Департментот имал регрутирано 22 рапера и слични артисти (диџеи, поети, брејкденсери) од дузина земји во светот. Биле собрани во Вашингтон на тренинг и обука како да бидат ангажирани во младински иницијативи и како да ја користат својата уметност како активистичка алатка. Да, меѓу земјите од кои доаѓале регрутите е и Македонија.

Како не беше спречен пучот во Македонија

Анонимен функционер/службеник во македонската влада во шарената 2016-та година ги преколнувал американските власти да го спречат државниот удар во Македонија. Нашиот бил екстремно вознемирен од тоа што американските власти ѝ го прават на Македонија рушејќи легално избрани власти. Сведочи вработена во оддел на Стејт Департментот задолжен за надзор на работата на УСАИД.

Знаете дека наш човек имаше реклама на Супербол?

Глобалната мрежа за заштита на животните, ПЕТА реши да се појави на американскиот Супербол, најпрестижното и најскапото место за покажување реклама. Годинава блок од 30 секунди се купувал за осум милиони долари. Го ангажираат нашиот пријател Ангел Апостолски, Македонец и скопјанец кој живее и работи во Бугарија. Не дека Ангел и вака немаше импресивно CV, ама после ова со Супербол, може да накриви ентер и да ужива во овации.