Жена му на Бетмен…

Јас тој епитет, жена му на Богдан Илиевски, или ако сакате Бетмен, го носам гордо, уште долго пред официјално да му станам сопруга. Да, од времето кога му вртевте грб, им се ситевте што се во притвор, што по цели денови ги мачат во судница…од времето кога го отпишавте. Но, исто така, жена му на Бетмен е и професионалец.

Повод: Харакири прес конференцијата на СДСМ на која со фалц вести обвинија дека новинарката Анастасија Илиевска („Богдајнца“) и Иван (“Хорхин“) Иванов се испопикале по одбори на јавни претпријатија.

************

Јас, Анастасија Илиевска. Моминско Богданоска.

Сакам да ве потсетам на нашите баби. Мојата се викаше Живка. Ја крстиле така за да поживее. Оти децата пред неа умирале. И навистина живееше долго. И живее и денес, оти ја спомнуваме постојано.

Како Живка.

Ама дур беше жива, мажена за дедо ми Светислав, луѓето ја знаеја како Светејца. Да, нашите баби (си мислевме дека…) се последната генерација жени без име. Се сеќавам, имаше една жена, на која јас не и’ го ни знаев вистинското име, оти ја викаа само по името на маж и’.

Да, жени без име оти нивното го заборавале откако ќе се омажеа па ги нарекуваа по името на мажот. Заборавале сè што биле. Заборавал и народот, а заборавале и тие самите. Не си го земала тогаш само презимето туку и името на сопругот. Па ако маж ти се вика Ванчо, ти ќе си Ванчојца. Митре-Митрејца. Ако се вика Богдан, ќе си Богдајнца…или во мојот случај, во 2024-то лето Господово, жена му на Бетмен. А мислевме дека нашите баби се последната генерација на жени без име. Само си мислевме…

Но, јас тој епитет, жена му на Богдан Илиевски, или ако сакате Бетмен, го носам гордо, уште долго пред официјално да му станам сопруга. Да, од времето кога му вртевте грб, им се ситевте што се во притвор, што по цели денови ги мачат во судница…од времето кога го отпишавте. Да, вие, точно знаете на кому се обраќам.

И тогаш и денес го носам гордо.

Но, исто така, жена му на Бетмен е и професионалец. Новинар, кој многупати испратил покана за гостување на членови од СДСМ и како новинар но и како главен уредник на Тв Алфа и како водител и уредник на емисијата За или против. Не само што бев/ме одбиени туку и етикетирани, цела Тв Алфа.

Жена му на Бетмен, Анастасија Илиевска е и борец за правата на жените, гласна против семејно насилство, но и секаков вид насилство врз жените. Вербално насилство во вид на лаги какво што дојде од жена, портпарол на СДСМ, Богданка Кузеска и партијата на која е член. И коментарите на социјалните мрежи кои следеа. Јас исто така сум и мајка на две деца. Исто и ќерка, сестра, пријател…

Јас, Анастасија Илиевска, има право да бидам дел, ако некогаш посакам, решам и се квалификувам за било каква државна функција, оглас, фонд и слично. Исто како што има секоја една друга жена.

Никој не може да ми го одземе тоа право, ниту 1000 прес конференции или лажни вести. Тоа право не може да ми биде одземено само затоа што сум нечија сопруга, ќерка, мајка. Особено не ако никој од моето семејство нема никаква државна функција. Тоа што сум нечија сопруга, ќерка или мајка, исто така, не ме прави покфалификувана од другите за некоја државна функција, оглас или фонд.

Ако некогаш посакам, решам да бидам дел и се квалификувам за истите.

До тогаш се уште сум Анастасија Илиевска, различна од Анастасија Илиеска. И не. Не прифаќам извинување од страна на СДСМ во форма на соопштение.

Сакам извинување на прес конференција. Со име и презиме.

А до еснафските новинарски здруженија “им благодарам” за соопштението со кое ги осудија лагите на СДСМ и сите коментари кои следеа за мене на социјалните мрежи.

Јас и понатаму ќе бидам професионалец и ќе се борам за правата на жените иако не добивам ни денар пари од било какви фондови за таа цел.

Анастасија

1 август 2024 - 13:02