Дали ние како граѓани всушност искрено сакаме следење на процедури?
Бидејќи вчера ниту еден новинар не беше присутен на судењето за Рашковски и останатите, а претходно, од почетокот на судењето, на буквално секое судење со сладостраст, со камери и земање изјави се следеа и соблазно се цитираа приватни вајбер пораки, кои од самиот почеток тврдам дека се прибавени на незаконит начин, ќе си дозволам јас да известам (судењето е секако јавно) за вчерашното судење на кое се сослушуваше лицето кое наводно ги извадило пораките од мобилниот-началник вработен во МВР, а упатен во истражниот центар на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кој бил задолжен да изврши вештачење на мобилните телефони, (ама не извршил пошто не бил вештак туку бил "анализатор", што е посебна тема).
Истиот во основа изјави дека поради разни пропусти во процедурата, усб-то на кое се симнати пораките е цитирам: "неупотребливо" и направена е "грешка" поради недоследно следење на инструкции.
Во правосудство во кое би имало троа повеќе од 8% доверба, после вчерашното катастрофално сведочење на нивниот експерт обвинителството ќе го повлечеше обвинението. Кај нас обвинителството нема мака поради децениската размазеност и попуштање за сите пропусти кои ги прави и од тие причини вината секогаш, ама буквално секогаш се префрла и ја сноси судот. Да не си им во кожа на судиите-што и да одлучат ќе бидат криви.
Сакам изречно да напоменам, како и многупати до сега: правна аксиома е дека процедурата е светиња, дека таа е единствен гарант за почитување на човековите слободи и права. Не е случајно, но очигледно е залудно, постојаното инсистирање на Европскиот суд за човекови права на стандарди и принципи при водењето на претресите и вештачењата, односно прибавувањето на доказите.
До кога ќе се толерира и замижува на институционалната некомпетенција и неспособност истрагите да се работат согласно домашни и меѓународни стандарди?
До кога обвинителството ќе се третира како привилигирана странка во постапката?
До кога граѓанинот ќе чувствува страв и несигурност знаејќи дека утре, ако се замери со некои незгодни луѓе, може да биде следен ставен на лентата претходно подесена да го однесе во неповрат, аргументирана со "ама и во претходни постапки вака сме правеле".
Кога судот конечно ќе се одважи и ќе тресне со раката на маса дека ова повеќе нема да го толерира? Кога јавно и директно ќе го погледне обвинителството во очи и ќе му рече: Вака не може, вака не се работи! Одете сработите како што треба, па дојдете пак со докази!
Дали ние воопшто сакаме процедури? Поточно, спремни ли сме да ги следиме процедурите дури и по цена на краткорочно негативно мислење? Сфаќаме ли дека единствено така долгорочно ќе се зголеми довербата над 8%?