Секој скопјанец сака да биде претседател

Читањето стари (прастари) весници е рачна кочница за она лажливо чувство дека животот се променил до непрепознатливост и дека ништо не е како порано. Тоа чувство ве тера кога ќе се вратите дома после пет дена во странство, да им досаѓате на луѓе со прашањето што има ново. А ново овде нема уште од калеш Анѓа, со тоа што неа, булумента лигуши денес би ја распнувале по социјални мрежи како кочничар за нашите интегративни процеси со најсилните и најбогатите.  

„Секој скопјанец сака да биде претседател“ е новинарски текст од 1939 година во кој се известува за хиперпродукцијата на заслужни луѓе во Скопје која може да доведе до ситуација пониските ешалони на градската власт да мора да се пополнуваат со луѓе од други места, бидејќи ама баш секој во актуелната политика во градот верува дека треба да биде главен.

Настрана содржината кои наметнуваат паралели стари 80 години, текстот и сам по себе е занимлив за читање (кој нема проблем српскиот) бидејќи не се користи сувопарен репортерски јазик туку има тука и стил и врцкавост какви што денес сè поретко се среќаваат.

На пример:

„Значи, има место за секирации заради хиперпродукцијата на величини како што понекогаш, но, пардон, ако секој скопјанец сака да биде претседател - што ќе рече, се смета за величина - кој останува да се секира?“

Репортажата од Скопје раскажува средба на која група истомисленици требале да изберат свој претседател. Требало да се отвори дискусија, да се изложат мислењата и потоа договорно да се избере личноста која ќе биде кандидат за лордмер (претседател на општина). Меѓутоа, човекот кој претседавал со седницата, изложил своја листа со себе на врвот и кажал дека на дневен ред е да се изгласа таа листа. Бил исвиркан и набркан, во ред, само што познавачите велат дека сите што дошле на седницата, во своите џебови имале своја листа, нормално, со себе како главни на неа.

Репортерот забележува дека во овој град никој не сака да биде одборник во општината и сите целат на главното место (и дека во таа трка везден се фаќаат врски) па дека пониските места можеби ќе треба да се аутсорсираат со луѓе од други места.

Уште еден извадок:

„Ќе дојде време кога живите ќе викаат: „станувајте мртви - за да легнат живите!“, ќе ви филозофира еден овдешен политичар, наведувајќи дека ви кажува за Креманското пророштво. А потоа, со силни гестикулации и дигање на веѓите, ќе додаде свое пророштво:
- А јас, браќа ви велам: „Станувајте мртви да видите како уживаме ние живите!“ и тоа наскоро ќе биде. 
- А кога тоа?
- Па, кога ќе дојдеме ние на власт!
- А, така....

Треба да се викаме Република Сејм Олд Шит.

 

****************

Види и:

За назадната Калеш Анѓа

15 ноември 2020 - 14:10